Изборната кампања на демократите на актуелниот албански премиер Сали Бериша за парламентарните избори кои ќе се одржат на 23 јуни годинава, ќе ја организира американска компанија која ја подготви кампањата на претседателот Барак Обама, јави дописникот на МИА од Тирана.
– За изборната кампања на Демократската партија може да дојде американската компанија која успешно ја спроведе кампањата на претседателот Обама, изјави Бериша на средбата со претседателите на општинските организации на партијата.
– Фокусот на кампањата на демократите ќе биде медиумска и координирана, имајќи предвид дека во 2008 година кампањата на Обама користеше социјални мрежи за да ги ангажира младите, од кои повеќето првпат го остварувале правото на глас, додека во вториот мандат напорите видно биле зголемени. Иако детали околу кампањата нема, се чини дека врз Фејсбук ќе падне најголемиот товар, стои во написот на весникот „Газета шќиптаре“.
И покрај тоа, на средбата, која била одржана зад затворени врати, Бериша побарал од локалните партиски лидери да се оди од врата на врата кај гласачите од левицата, за да им се презентираат постигнувањата во изминатите два мандата.
Демократите на Бериша, триумфираа на изботите во 2005 година, кога власта им ја превзедоа на социјалистите, во чии раце истата беше изминатите осум години. Партијата на Бериша победи и пред четири години.