Земјите-членки на ЕУ вчера гласаа за осмиот пакет санкции против Русија, кои имаат за цел да ја ограничат цената на нафтата што Русија ја извезува во Европската унија и трети земји. Оваа одлука се однесува и на Србија, бидејќи во неа е опфатена забраната за увоз на руска нафта преку Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ) низ Хрвтаска, преку кој годишно од Русија во Србија стигнувале во просек од 16 до 20 отсто од овој енергетски производ, јави дописникот на МИА од Белград.
Во рекацијата на оваа одлука премиерката Ана Брнабиќ изјави дека истата била најавена уште во мај, но е нов момент, како што рече, „тоа што Бугарија е исклучена од пакетот, бидејќи рускиот Лукоил таму ја има главната рафинерија, со што и понатаму ќе може да купува руска нафта, додека за Србија е ставена рампа“.
-Некои членки на Унијата, како Бугарија или Унгарија, се изземени од пакетот санкции, бидејќи велат дека тоа ќе се одрази на нив економски, но на експлицитно барање на Хрватска да не се изземе и Србија, со тоа и нанесуваат директна финансиска штета на Србија, на сите граѓани и стопанството, на кои од џебот им избиваат стотици и стотици милиони евра, изјави денес Брнабиќ гостувајќи на ТВ Хепи.
Брнабиќ порача дека фактот што Хрватска сака да ја запре испораката на руска нафта за Србија преку Јанаф е „отворен чин на непријателство кон Хрватска“ и дека Србија, по враќањето на претседателот Александар Вучиќ од Прага и неговото обраќање до јавноста во сабота, „ќе мора да се носат стратешки одлуки и да се направат стратешки промени“.
-Сето ова се случува на експлицитно барање на Хрватска, тоа да се прифати, практично да ја казни Србија, само затоа што бара казна за убиените деца (на Петровачкиот пат), а ЕУ да не го спречи тоа, тоа е скандал, рече српската премиерка, оценувајќи дека ваквите одлуки се користат за политички уцени и реваншизам.
-Она што мислеа да и го направат на Русија, ни го направија на нас. Ја користат енергетиката за политичи уцени и одмазда. Хрватска и ЕУ тоа го дозволија. Ја користат енергетиката за политички цели, рече Брнабиќ и додаде дека едвај чека ЕУ да го објасни тоа.
Министерката за рударство и енергетика на Србија Зорана Михајловиќ изјави дека од 1 ноември Нафтената индустрија на Србија (НИС) ќе увезува само неруска нафта, поточно 80 отсто, додека 20 отсто ќе биде српска нафта.
-Нафтената индустрија на Србија за ова се подготвува со месеци, изјави Михајловиќ пред новинарите во Стопанската комора на Србија.
Министерот за внатрешни работи Александар Вулин, реагирајќи на одлуката на Хрватска да го запре увозот на руска нафта во Србија, рече дека е „подобро да се биде воено и политички неутрална земја отколку член на клуб во кој хрватските комплекси и одмазда ќе бидат закон и правило“.
Тој наведе дека Србија во блиска иднина ќе мора да размислува за изградба на нафтовод во партнерство со други земји, бидејќи, како што рече, „секаде каде што усташите можат да и нанесат штета на Србија, тоа ќе го направат“.
Извор: МИА