Српскиот премиер Александар Вучиќ, во пресрет на заминувањето на комеморацијата во Поточари, изјавил дека Србија јасно и недвосмислено го осудува „ужасното“ злосторство во Сребреница и дека се гади од оние кои учествувале во него, пренесуваат српските медиуми.
„Поминаа дваесет години од стравичното злосторство кое се случи во Сребреница. Не постојат зборови кои би можеле да ги изразат жалоста и тагата за настраданите, како и без огорчување кон оние кои го извршија тоа монструозно злосторство. Србија, јасно и недвосмислено го осудува тоа ужасно злосторство, се гади од оние кои учествуваа во него и ќе продолжи да ги изнесува пред лицето на правдата“, навел српскиот премиер во писмо до јавноста по повод 20-годишнината од злосторството во Сребреница.
Српскиот премиер истакнал дека има обврска да се поклони пред жртвите од Сребреница и дека тоа е чин со кој „земјата се определува кон иднината“.
„А таа наша заедничка иднина, никако не може да биде жртвувана поради какви и да се лични или национални себичности. Тоа не смее да се случи покрај толку многу гробови. Одлуката за тоа јас како претседател на српската влада да одам во Сребреница е многу повеќе од политика и многу повеќе од какви и да се политички игра, и од ставови и притисоци за јас да одам, но и за јас да не одам“, рекол Вучиќ.
Според него, Србија и нејзината влада, поради иднината сакаат заедно да живеат и работат со Бошњаците.
„Ние сакаме да почнеме да си веруваме едни на други. Сакам, во име на Србија и на сите нас, и тоа најискрено, да имаме иднина, и сметам дека тоа денес е и најмногу што можеме да направиме за сето несреќно минато. Мојата рака е подадена и така и ќе остане, без никаква политика и оглед на евентуална казна или награда. Тоа е мојата должност и моја света обврска и пред оние кои страдаа и пред оние кои доаѓаат на нивното места за да живеат. На едните нека им е вечна слава, а на другите вечен мир. Се помалку од тоа, би било навреда за сите наши жртви“, се наведува во писмото на српскиот премиер.