Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека ќе се види дали во следната 2023 година ќе има белградски градски избори, но и некои други избори и да верува дека на следните избори, кога и да се одржат, ќе излезе едно големо, широко народно движење за слободна Србија, јави дописникот на МИА од Белград.
Вучиќ за ТВ Прва кажа дека од опозицијата зависи дали ќе има нови избори за градот Белград, но дека во 2023 година може да се одржат и покраински, локални и парламентарни избори.
– Ако сакаат – повелете. Ќе имате избори. А дали ќе бидат само за градот Белград или и некои други, ќе видиме, изјави Вучиќ.
Според него, ако опозицијата ги сака изборите во Белград, „можеби некој друг ќе сака некои други избори“.
– Следат редовните покраински, редовните локални. Без разлика дали на крајот на 2023 или на почеток на 2024 година, исто му се фаќа. Или ќе бидат и републички, никогаш тоа не се знае, рече тој.
Запрашан дали ќе има и претседателски избори, тој рече дека е во последниот мандат, но ако некој сака може да се оди и на референдум.
– Но, тоа би било толку поразително, се плашам дека тоа би било премногу понижувачки за нив. Доволно се паметни да знаат дека тоа не им е потребно, тоа би ги обединило луѓето, рече тој.
Вучиќ додаде дека верува оти на следните избори „ќе се појави едно големо, широко народно движење за слободна Србија, кое нема да биде меѓу десничарските партии кои и нанесуваат штета на земјата исто колку и оние од левицата“.
– Тоа ќе е едно движење на пристојни и рационални луѓе кои ќе гледаат како да ја заштитат својата земја, кои нема да не водат во војни и санкции само така, и кои нема ни да ја предадат српската земја за да му се додворат на некој друг, рече Вучиќ.
Тој посочи дека во ова движење нема да бидат само Србите, туку и сите малцинства кои живеат во Србија.
Извор: МИА