Време за поголемо ангажирање на САД на Балканот

Од:

Во Вашингтон последниве месеци се слушаат повици за повторно, односно поголемо ангажирање на САД на Балканот, меѓу другото и поради се поприсутното руско влијание во регионот.

Додека некои американски политичари порачуваат дека постои голем американски ангажман, аналитичарите потенцираат дека САД мора да имаат поактивна улога.

– Ќе кажам отворено дека, додека САД се повлекуваат кога се работи за ангажирање во регионот, Русија седи на прагот подготвена да го заземе нашето место, порача американскиот сенатор и влијателен член на сенаторската Надворешнополитичка Комисија Крис Марфи по враќањето од балканската турнеја.

За време на посетата на Марфи на регионот, претседателот на Русија ја гледаше воената парада по повод 70-годишнината од ослободувањето на Белград, која поради неговите обврски е одржана четири дена порано. Се повидливото руско присуство, меѓу другото, го поттикна сенаторот да ја повика администрацијата повторно да се ангажира на Балканот.

Со пораката дека го цени мислењето и советот на сенаторот Марфи, во Стејт Департментот, кој ја спроведува надворешната политика на Белата куќа, негираат дека Вашингтон не е доволно ангажиран во регионот.

– Во тој дел на Европа постои недовршена работа и ние и натаму целосно сме ангажирани. Очекуваме и се надеваме дека целиот регион ќе продолжи да напредува кон зацртаната цел кон евроатланските интеграции, изјави за Гласот на Америка, Томас Џезгерди, директор на Кабинетот за јужна и Централна Европа.

Аналитичарите со кои разговаравме сметаат дека треба поголемо ангажирање на САД. Историјата и искуството покажаа дека американското лидерство е клучно на Балканот, согласни се нашите соговорници. Постигнатиот напредок во регионот е недоволен и Вашингтон мора да ги поттикне земјите до конечната цел.

– Тоа значи да се зајакне и поддржи патот кон членството во НАТО на земјите кои тоа го сакаат, да се зајакне кон членството во ЕУ на тие кои тоа го бараат и да ги решиме најдобро што можеме некои од долгогодишните политички предизвици како што е управата во Босна и односите меѓу Србија и Косово, вели извршниот директор на Институтот Мекејн, Курт Волкер.

Мајкл Халцел, висок соработник на Центарот за трансатлантски односи од Универзитетот Џонс Хопкинс предлага уште поконкретни мерки.

– Имаме многу добри односи со невладиниот сектор на Балканот и треба да продолжиме да ги одржуваме. Американските амбасади, пред се во Сараево, Приштина и Скопје, имаа многу значајни посреднички улоги и тоа треба да продолжиме да го работиме. Некогаш тоа е надвор од очите на јавноста и обично не ни се припишува доволна заслуга. Кога се работи за финансиска помош, тоа е малку неизвесно. Очигледно е дека сите имаат буџетски проблеми и помошта мора секогаш да биде условена, вели тој.

Иницијативата за поголемо ангажирање, сепак мора да почне од правата адреса, смета Курт Волкер.

– Реалноста на нашиот уставен систем е дека надворешнополитичките иницијативи мора да потекнат од извршната власт, односно од Белата куќа. Така останува на американската администрација да ја има водечката улога во Балканот, а тоа потоа може да добие конгресна поддршка, додава тој.

– Со луѓето како сенаторот Марфи и другите членови на конгресната делегација која го посети регионот минатиот месец, постои критична маса да се убеди Белата куќа и нивните колеги во Конгресот, дека ова е вредно на нивниот труд, смета Халсел.

Отсуството на поголем американски ангажман и постоечката стагнација во земјите од регионот, се обидува да го искористи Москва. На земјите кои одржуваат врски со Русија, меѓу кои е и Србија, претставникот на Стејт департментот Томас Џезгери им порача дека САД имаат разбирање за тоа, но дека на крај сепак мора да ги следат европските насоки.

– Имајќи ги предвид руските акции со кои е прекршено меѓународното право и стандардите, нашата порака е дека не можеме да продолжиме како до сега, кога се во прашање односите со Русија. На пример, ЕУ воведе санкции кон Русија поради постапката во Украина и конечно, додека тече процесот на интеграциите во ЕУ, Србија и која било друга земја која сака да стане членка на Унијата ќе мора да ја усогласи својата политика со европската, истакна тој.

Прашањето дали Белград може да бира „и Русија и Западот“, Курт Волкер гледа од економска гледна точка и од обидите на Кремељ со одвраќањето на западните инвестиции да го зачува своето влијание. – Мислам дека нив ги интересира да одржуваат зависност од руските резерви, посебно од гасот, за Србија, Балканот генерално, БиХ, да влијаат на донесување на одлуките во Хрватска. Ако успеат во тоа ќе го одржат средството на руско влијание на Балканот по мала цена, бидејќи тие всушност не вложуваат пари, само се подготвени да вложат пари за да ги обесхрабрат другите во тоа, додава тој.

Хелсел проблемот го гледа во неподготвеноста на Русија да прифати компромис.

– Треба да постои начин, за очигледната корист за Србија да се приклучи на евроатлантските институции, секако на Европската унија и еден ден на НАТО. Би било жално, ако Москва се одлучи да нема компромис и ако направи нешто негативно, ако Србија се приклучи кон ЕУ. Не мора да биде така. Можно е да биде нова членка и понатаму да има добри односи со Москва, смета тој.

Обновениот интерес за Балканот, барем на некои адреси, следеше во момент на големи политички промени во Вашингтон и подемот на Републиканската партија. Колку ќе имаат слух републиканците кои наскоро ќе ја преземат контролата над Конгресот, за повиците повторно да се насочи вниманието на Балканот, останува да се види.

Со забелешката дека сите иницијативи за поголема американска улога мора да бидат двопартиски, Мајкл Хелсел истакна дека понекогаш е доволно неколку добри разузнувачки законодавци да покренат одредено прашање.

Курт Волкер пак гледа подалеку во иднината, претседателските избори во 2016 и евентуалната кандидатура на Хилари Клинтон.

– Без оглед кој ќе победи на изборите, Хилари Клинтон од Демократската или еден од републиканските кандидати, изземајќи некои кои имаат поголеми изолационистички погледи, мислам дека ќе видите американска администрација која е повеќе ангажирана на меѓународен план отколку што ја видовме изминатите неколку години, која е во состојба да се бави со неколку прашања одеднаш и која има традиционална визија на американските интереси и прашањата за националната безбедност. И тоа ќе биде позитивно за регионот на Балканот. смета тој.

Гласот на Америка – Вашингтон

 

Би можело да ве интересира

Екстремен топлотен бран на Балканот, Македонија и соседите вријат

Балканот денеска е најтоплиот дел од Европа

Катерина Ѓуровски

Според Индексот на човечки развој Југоисточниот регион на земјава најнеразвиен во цела Европа

Лидерите на Европската Унија усвоија 18 заклучоци, од кои еден се однесува на роамингот на Балканот

Голема балканска акција за лов на педофили: 39 осомничени, вклучена и Македонија

Анита Петровска Рајковиќ

Плаќаме 33% поскап дизел, а се уште возимe најевтино на Балканот: Кои се цените на горивата во регионот

A1on