И во новиот состав на Парламентот на Албанија има Македонци, но како дел од албанските партии и тоа од Социјалистичката и Демократската партија. Сите тројца и во претходниот состав биле пратеници.
Како што пишува весникот „Македониум“, од Социјалистичка партија има двајца пратеници со македонско потекло, Намик Докле по потекло од Гора и Таулант Бала по потекло од Голо Брдо. Од Демократска партија има еден пратеник со македонско потекло, Миќерем Тафај, министер за образование во заминување, по потекло од Требиште, Голо Брдо.
– Но, овие пратеници не само што не се декларираат како Македонци туку напротив прават најмногу штета на македонските интереси во Албанија. Како еден од многуте примери е однесувањето на министерот Тафај, кој го попречуваше спроведувањето на курсот по македонски јазик во Голо Брдо, констатира весникот.
Претходно, и грчките медуми јавија дека и новиот албански законодавен дом нуди „грчка боја“, зашто од 140 пратеници шестмина се Грци.
Освен Вангел Дуле, лидерот на Партијата за заштита на човековите права, кој не ја крие етничката припадност, во Парламентот се уште петмина пратеници кои иако се Грци по потекло, тоа не го кажуваат јавно. Тоа се Вангел Таво, поранешен потпретседател на албанскиот Парламент и министер за здравство во заминување, Андреа Марто, Луиза Џувани, Анастас Ангели и Василика Хиси.