Во Грција од денеска без рестриктивни мерки за Ковид-19 – се укинува и задолжителната маска на затворено

Од:

Од денеска во Грција се укинува задолжителната маска во затворените простори, што воедно беше и последната и единствена Ковид мерка во земјата, откако на почетокот на мај беа укинати голем дел од рестрикциите, со што летото ќе биде целосно слободно и без никакви ограничувања, јави дописничката на МИА од Атина.

Исклучок постои само за болниците, домовите за нега на стари лица и слични институции, како и во јавниот градски превоз, односно во автобусите, метрото, трамваите и тролејбусите, каде што и понатаму ќе биде задолжително носење маска.

Во текот на оваа седмица ќе се донесе одлука и за протоколите за бродовите и траектите.

Министерот за здравство на Грција Танос Плеврис пред две седмици, соопштувајќи дека се укинува задолжителната маска за внатрешните простори, рече дека одлуката е привремена, односно ќе важи до 15 септември 2022 година.

-Укинувањето на задолжителната употреба на маска значи дека нема да се изрекува административната казна, но сепак останува охрабрувањето и препораката, дека ќе треба да се користи маската во сите простори, особено за населението кое припаѓа на ранливите категории, рече тогаш Плеврис.

За патување во Грција повеќе не е потребен ниту сертификат за вакцинација, ниту негативен резултат од направен тест, додека пак веќе два и пол месеци е укинат и ПЛФ – формуларот. Истото важи и за во внатрешноста на земјата, односно за влез во затворените објекти не е потребен документ за Ковид-19, како што беше пракса претходно, а од денеска веќе не е потребно и носење маска.

Сепак, укинувањето на мерките во Грција е привремено, бидејќи на есен, од септември, во зависност од текот на пандемијата, не е исклучена можноста одново да се воведат некои од претходните рестрикции.

Од почетокот на пандемијата, во Грција има 3.453.229 случаи на Ковид-19 и 29.845 починати лица.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Два од земјотресите во Грција почувствувани во Гевгелија, Струмица, Велес, Скопје, Битола и Кавадарци

Катерина Ѓуровски

Се тресе Грција: девет земјотреси за еден час, најсилниот со јачина од 5.3 степени

Катерина Ѓуровски

Конфликтот меѓу две семејства во Грција загина тригодишно дете

Силен земјотрес во Грција

(ВИДЕО) Пожар во рафинерија во Грција: Железничкиот сообраќај во прекин, наредена итна евакуација

Горан Наумовски

СИРИЗА: Политиката на соработка со Македонија е замрзната