Црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ на Минхенската безбедносна конференција веројатно ќе се сретне со американскиот потпретседател Џо Бајден, а можна е средба и со американскиот државен секретар Џон Кери, дознава црногорскиот весник „Вијести“ од странски и домашни дипломатски кругови.
Според тврдењата на соговорник на весникот”, средбата е побарана од Бајден.
„Состанокот на Бајден со Ѓукановиќ е планиран во рамки на процесот на формирање на американскиот став за упатување повик до Црна Гора за членство во НАТО. Овој став може да биде формулиран во следните неколку недели“, за „Вијести“ изјави друг извор.
Аналитичари и дипломати Бајден го сметаат за голем заговорник на проширувањето на НАТО.
Од кабинетот на Ѓукановиќ не сакаа да потврдат, ниту да демантираат дека премиерот ќе се сретне со американските високи државни претставници.
„Вијести“ само доби одговор дека Ѓукановиќ треба да присуствува на Минхенската конференција, што ќе се одржи од 6 до 8 февруари.
Црногорскиот премиер последната официјална средба со Бајден ја имаше минатиот април во Вашинтон.
Минхенска конференција се одржува од 1963 година и на неа се собираат шефовите на држави или влади, шефови на дипломатии и министри за одбрана, воени претставници, менаџери и научници од целиот свет.
Тема на годинешната конференција ќе бидат случувањата во Украина и влијанието на конфликтот во оваа земја врз европската стабилност.