Санторино синоќа беше погоден од силен, плиток земјотрес со јачина од 5,3 степени според Рихтеровата скала, што е најсилниот земјотрес што го погодил грчкиот остров за време на актуелната сеизмичка активност во областа. Земјотресот бил почувствуван и во Атина, а епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 17 километри.
Санторини доживува сеизмичка активност од минатиот месец, а сеизмолошката лабораторија на Универзитетот во Атина забележала повеќе од 12.800 земјотреси. Некои жители патролираат во опасните области за да ги спречат туристите да се качуваат на карпите и да фотографираат.
Поради зачестеноста и јачината на земјотресите, во многу делови на Санторини има лизгање на земјиштето, а експертите не ја исклучуваат можноста за уште посилен земјотрес. Иако сеизмолозите беа оптимисти дека интензитетот на земјотресите ќе почне да се намалува, сега се загрижени дека ситуацијата се влошува.
Вонредната состојба ќе остане на сила во Санторини најмалку до 3 март.
На земјотресот во неделата му претходеа три помали земјотреси со јачина поголема од 4,0 степени, додека три земјотреси вчераутро беа исто така посилни од 4,0 степени. Проверките покажаа дека нема оштетувања на згради на Санторини и Аморгос.
Нема пријавени повредени од земјотресите, кои од 26 јануари ги има во илјадници, но повеќе од 11.000 луѓе ги напуштиле островите. Училиштата на Санторини, Аморгос и на неколку други острови денеска ќе останат затворени.
Екипа на Специјалната единица за одговор при катастрофи со специјално возило за спасување од земјотрес тргна од Патра за Аморгос, а се очекува технички тимови да ја прегледаат електричната мрежа на островот.
Костас Папазахос, професор по сеизмологија на Универзитетот Аристотел во Солун, за грчката телевизија ЕРТ изјави дека властите мора да очекуваат ситуацијата да трае во поголемиот дел од февруари. „Да се надеваме дека полека ќе се движиме кон постепена деескалација“, рече тој.
„Мораме да бидеме трпеливи и да видиме. Да се надеваме дека за неколку недели феноменот ќе почне да слабее.
Тој додаде дека не е целосно исклучена можноста за поголем земјотрес.
Најсилниот земјотрес регистриран досега за време на оваа сеизмичка активност беше со јачина од 5,2 степени во четвртокот. Земјотресите со јачина од 6 и повеќе се сметаат за сериозни. Грција е една од сеизмички најактивните земји во Европа, но научниците се збунети од сегашните „кластери“ земјотреси кои не се поврзани со поголем земјотрес.
Санторини се наоѓа на таканаречениот хеленски вулкански лак, синџир од острови формирани од вулкански ерупции, но последната голема ерупција се случи во 1950-тите. Грчките власти изјавија дека неодамнешните земјотреси се поврзани со движењето на тектонските плочи, а не со вулканската активност.
Научниците не можат точно да го предвидат времето, големината или локацијата на земјотресот. Од 26 јануари до 8 февруари 2025 година, Сеизмолошката лабораторија на Универзитетот во Атина регистрирала повеќе од 12.800 земјотреси во зоната Санторини-Аморгос.