Денеска се одржува третиот митинг „Србија против насилството“ во организација на дел од опозицијата и граѓани на Србија. Како што претходно беше најавено, протестот започна во 18 часот пред Собранието на Србија.
Собранието на Србија ја продолжи расправата за владиниот извештај за безбедносната состојба по масовните убиства во Белград и на подрачјето на Смедерево и Младеновац, но без претставниците на Демократската партија и Клубот Зелено-левичарски, кои одлучија да не да учествуваат на седницата. Дебатата за извештајот, која ја образложи премиерката Ана Брнабиќ, започна во четвртокот попладне.
На протестот прва зборуваше Ивана Михајловиќ, фармерка и една од мајките, на кои, како што вели, им згрешил режимот на Вучиќ.
Таа изјавила дека на нејзиното дете му било забрането да оди во градинка бидејќи минатата година учествувала на протестите на земјоделците.
„Сакаме да живееме без страв во нашата земја. Тука сме затоа што сакаме Србија без насилство. Зарем тоа не им е јасно на сите? Тие што ја водат државата имаат апсолутна моќ, но и апсолутна одговорност. Не смееме да им дозволиме да си играат со нашите и со животите на нашите деца. Барањата се јасни: бараме прекин на промовирањето на насилството, а тоа подразбира итно отпуштање на сите членови на РЕМ. Исто така, итно прекинување на реалното шоу“, изјави таа.
Граѓаните скандира „Вучиќ, оставка!“