Хрватското гратче Дрниш, во близина на Шибеник, е во шок по убиството на 19-годишен средношколец, кој работел како доставувач на храна за да заработи дополнителни средства.
Според информациите од локалните медиуми, трагедијата се случила во саботата вечерта кога момчето, заедно со свој пријател, доставувало пица на адреса на 50-годишниот Кристијан Алексиќ. Наместо да ја преземе нарачката пред куќата, осомничениот наводно ги повикал да се качат на катот, каде што на терасата од семејната куќа го застрелал момчето.
Соседи сведочат дека слушнале истрели, но во првиот момент помислиле дека станува збор за петарди или огномет.
Жителите на Дрниш велат дека со години живееле во страв од Алексиќ, за кого тврдат дека имал психички проблеми и насилно однесување. Во 2023 година кај него бил пронајден пиштол од домашна изработка, а според локални тврдења, постоеле сомневања дека составувал список на лица кои сакал да ги ликвидира.
Алексиќ и претходно бил осудуван. Во 2002 година добил 12 години затвор за тешко убиство на 24-годишната Маријана Сучевиќ, извршено во 1994 година. Според судските документи, тогаш ја нападнал со нож и метална прачка, по што му било наложено задолжително психијатриско лекување.
Трагедијата силно ја потресе локалната заедница.
„Убиен е нашиот град“, изјавила инструкторка по возење која го познавала момчето, додавајќи дека станува збор за огромна загуба за целото место.
По убиството, осомничениот побегнал и по него сè уште трага полицијата. Според локалните жители, тој е во добра физичка кондиција и одлично го познава теренот околу Дрниш, што дополнително ја отежнува потрагата.
