Кнежево со денови е завеано во снег, состојбата во овој град и околните села е драматична, патиштата блокирани, струја нема, телефонскиот сигнал често е прекинат, а градоначалникот на општината упати апел за помош и рече дека има и смртни случаи.
Жителите на општина Кнежево велат дека не знаат до кога ќе издржат, бидејќи стравуваат дека ќе останат без храна и дека поради снегот нема да можат да ги напуштат куќите и становите.
-Се плашам да не исчезне се, бидејќи дуќаните се полупразни, нема што да се купи. До докторот се пробиваме низ тесни патеки, кои ги направивме врз купишта снег, па се случува без да знаеме, всушност да одиме по покривите на затрупаните автомобили – вели еден локален жител.
Локалните работници на патиштата успеаја да го исчистат приодот до здравствениот дом во Кнежево, но патиштата кои водат кон Бања Лука, Травник и Котор Варош се уште се блокирани.
Најтешка е состојбата во селата околу Кнежево кои со денови се отсечени од светот. Снежните наноси во областа околу Кнежево се високи и до 7 метри.