Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва поднесе оставка од функцијата, со образложение дека сака на претстојните парламентарни избори да учествува како обичен граѓанин.
Вучиќ по обраќањето до јавноста во зградата на Претседателството на Србија го потпиша текстот на оставката.
„Поднесувам оставка затоа што мислам дека тоа е фер. Претседателските избори до крајот на декември“, рече Вучиќ.
Тој посочи дека според Уставот и законите, до крајот на декември треба да се одржи првиот круг од претседателските избори, додека парламентарните избори се закажани за 25 октомври.
„Можев да одам на избори како претседател на Републиката. Дури и моите бројни пријатели, претседатели од странство, зачудено ме прашуваа: Зошто го правиш тоа? Зошто ја напушташ функцијата? Никој никогаш не го направил тоа“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека одлуката ја донел затоа што смета дека тоа е фер и дека демократијата му е важна.
Вучиќ во обраќањето зборуваше и за политичкиот дијалог, наведувајќи дека со години повикувал на дебати со неговите политички противници. Тој се осврна и на протестите и блокадите во Србија во изминатиот период, обвинувајќи ги организаторите за насилство и инциденти.
„Ако сакате во натпревар, ако сакате во ринг, треба да бидете подготвени и да примите удари. Тие научија да задаваат удари, но никој да не им се спротивставува. Тоа не е демократија“, рече Вучиќ.
Тој наведе дека сака во предизборната кампања да влезе без претседателската функција, додавајќи дека десет години слушал, како што рече, „најстрашни лаги и невистини“.
Вучиќ рече дека утре наутро должноста ќе ѝ ја предаде на претседателката на Народното собрание, Ана Брнабиќ, која треба да биде вршител на должноста претседател на Србија до изборот на нов претседател.
Тој повтори дека претседателските избори мора да се одржат до крајот на декември, додека парламентарните избори се закажани за 25 октомври.
Вучиќ соопшти и дека во пресрет на заминувањето од функцијата донел одлука за аболиција и помилување на 49 лица.
Според него, 23 од нив се поврзани со настаните во Србија во последната година и половина. Тој рече дека донел одлука да помилува 12 лица од таканаречената „новосадска група“, предводена од Мила Пајиќ.
Дополнително, како што наведе, помилувал и 11 лица кои учествувале во инциденти против демонстрантите.
„Постапив како претседател на Републиката, сметајќи дека тоа ќе биде дополнително подадена рака кон сите кои се однесуваа неодговорно и несериозно“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека тешко му паѓало тоа што, како што рече, дел од младите луѓе поради случувањата во Србија го поминуваат својот живот надвор од земјата.
