Словенечкиот европратеник Иво Вајгл во Подгорица изјави дека влијанието на Русија на Балканот довело до тоа Европската унија да му даде повисок приоритет на процесот на проширување.
Во разговор за црногорскиот весник „Побједа“, Вајгл вели дека во ЕУ нема замор од проширувањето и дека интересот на ЕУ за регионот расте.
– ЕУ е многу заинтересирана за стабилизирање на состојбите на европскиот континент, а тоа нема да се случи се додека југоисточна Европа не стане дел од Унијата. Кога ќе заврши процесот на интеграции, тогаш ќе исчезнат и меѓусебните проблеми во регионот, но и митовите за минатото кои и денес владеат на Балканот, изјави Вајгл.