Високиот комесар на ОН за бегалци е загрижен од засилувањето на расистичките напади во Грција и побара од Владата адекватни мерки.
Влошувањето на ситуацијата со расистички напади врз странци беше разгледано на средбата меѓу Лоренс Џолс, претставник за ЈИЕ во Високиот комесаријат на ОН за бегалци и грчкиот министер за јавен ред и заштита на граѓаните Никос Дендиас.
Џолс изразил загриженост заради таа појава која изгледа координирана од групи и лица, се вели во соопштението на УНХЦР. Тој побарал од министерот да преземе мерки за борба против зголемениот број расистички напади за заштита на жртвите и за судски процес против извршителите и организаторите на насилствата.
Меѓународни организации меѓу кои и Амнести интернешнал и Хјуман рајтс воч, ги критикуваа „масовните репресии“ против илегалните имигранти во Грција по полициската акција на грчката полиција од почетокот на август за апсење или протерување имигранти.
По влегувањето во парламентот на „Златна зора“, во Грција зачестија пројавите со расистичко насилство.