Учениците на Балканот учат различна историја за Првата светска војна

Од:

По сто години од Сараевскиот атентат, во училиштата во поранешните југословенски републики се учат различни верзии по историја за причините за Првата светска војна, кои се одраз на судирите од 90-тите.

– Тие луѓе биле терористи – Гаврило Принцип и останатите – вели за BIRN – Justice Report Салих Мехмедовиќ додека стои покрај Латинскиот мост во Сараево, каде младиот босански Србин пред точно 100 години го убил австроунгарскиот надвојвода Франц Фердинанд, а тој атентат предизвикал четири години разорен судир.

Мехмедовиќ, инаку Босанец, вели дека не се сомнева во тоа дека Србија била одговорна за убиството.

– Тие го извршиле атентатот по наредба на Србија. За војната треба да ја обвиниме Србија – истакнува тој.

И додека државите од регионот се подготвуваат ова лето да ја одбележат 100 годишнината од избивањето на Првата светска војна, секоја земја ги учи своите деца на различно толкување на атентатот кој го покренал судирот.

Гаврило Принцип во учебниците по историја во различни земји на поранешна Југославија е прикажан како терорист или како бунтовник со причина. И таа перцепција ги одразува современите поделби во регионот, кои се уште заздравуваат од судирите што се случија во 90-тите години.

Додека беа дел од Југославија, во сите тогашни републики децата учеа иста историја. Сега сите имаат своја верзија на вистината, која е обликувана со последните војни и тоа го пренесуваат на идните генерации.

– Порано, кога се уште постоеше Југославија, постоеше само еден дискурс за Првата светска војна. Таа земја престана да постои пред 23 години и дискурсот исчезна со неа, затоа што новите земји кои настанаа од поранешна Југославија имаат различни перцепции за минатото – објаснува Ненад Шебек, извршен директор на Центарот за демократија и помирување во југоисточна Европа, кој ги анализираше учебниците во регионот.

– Сега минатото се приспособува да одговара на кој било дискурс кој владејачките елити во тие земји го сакаат во сегашниот момент – вели Шебек.

Наставата во БиХ одразува етнички поделби

Во етнички поделената Босна и Херцеговина не постои општоприфатен став за Принцип и за примерите на Првата светска војна.

Српските деца учат понакво толкување на историјата во однос на своите врсници Босанците и Хрватите. За Босанците и Хрватите, Принцип бил политички атентатор кој имал поддршка од Белград. За Србите во БиХ, атентатот служел само како изговор за Австроунгарска Германија да изврши воена агресија на Србија.

Овие поделби исто така се гледаат во постоењето на одделни свечености за одбележување на претстојната 100 годишнина во БиХ.

Низа настани ќе бидат организирани во Сараево, вклучувајќи изложби, концерти и средби на млади мировни активисти од целиот свет.

Меѓутоа, српските претставници на чело со режисерот Емир Кустурица, ќе организираат различни настани во Вишеград, додека споменик на Принцип ќе биде поставен во Источно Сараево.

Во средини во кои претежно живеат Босанци, како што се Сараево, Бихаќ и Зеничко-добојскиот кантон, во учебниците се потенцираат врските на Принцип со Србија. Во учебникот од кој се учи во Сараево, се вели дека Млада Босна на Принцип ја поддржувале тајни организации во Србија, додека учебникот во Бихаќ наведува уште подиректно дека заговорниците ги поддржувала Србија. Книгата од историја во Зеница ја опишува Млада Босна како терористичка организација.

Учебникот по историја кој го користат хрватските ученици во БиХ, исто така ја опишува Млада Босна како терористичка група.

Меѓутоа, во Република Српска, Млада Босна едноставно е опишана како организација, а во учебниците се потенцира дека Австроунгарија го искористила атентатот на Франц Фердинанд за да ја обвини Србија и да прогласи војна.

Не е за изненадување тоа што ваквиот опис од почетокот на судирот е сличен на тој кој се наоѓа во учебниците во Србија.

Професорот по историја од Бања Лука Жељко Вујадиновиќ вели дека во Босна – гледаме дека сегашните политички сваќања се проектираат на минатото.

Тезите дека Млада Босна била предвоена Ал-Каеда е резултат на судирите на 90-тите, потенцира тој.

– Одредувањето на Млада Босна и Принцип како терорист е обид одговорноста за важните светски настани да се префрли на српската политика за територијална експанзија, која очигледно е погрешна – вели Вујадиновиќ.

Професорот по историја од Сараево Зијад Шехиќ се согласува дека, како резултат на судирите во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година, се прекројува минатото.

Дури по распаѓањето на Југославија, Принцип се опишува како српски националист, а не како борец за обединување на Југославија – наведува тој.

– Сега кога Југославија повеќе не постои, неговите дела се гледаат многу потесно и тој повторно е роден како српски јунак – вели Шехиќ.

Србија ги истакнува австроунгарските воени злосторства

Нов споменик на Гаврило Принцип ќе биде подигнат и во Белград, каде учениците учат дека тој се борел за исправна цел.

Во рамки на одбележувањето на 100 годишнината Србија ќе искова сребрена монета со ликот на Принцип, а владата ќе организира и неколку спомен изложби.

Српската православна црква, истовремено, за Принцип вели дека е национален херој.

– Гаврило Принцип само ја бранел слободата и својот народ – неодамна изјави митрополитот Амфилохије.

– Во Србија се уште постои стариот наратив од поранешна Југославија, кој вели дека Првата светска војна избила бидејќи постоел овој голем херој наречен Гаврило Принцип – вели Шебек.

– Тој го убил надвојводата Франц Фердинанд, кој бил олицетворение на окупаторските сили на Австроунгарија, а потоа Австроунгарија и Германското царство ја нападнале Србија и храбрите Срби се бореле и страдале во текот на војната, но биле на вистинската страна – рече тој.

Граѓаните на Ул. Гаврило Принцип во Белград главно сметаат дека Србија не ја предизвикала Првата светска војна.

– Србија била исцрпена по двете балкански војни од 1912 и 1913 година и не сакала војна во 1914 година. Големата војна била резултат на империјалистичките стремежи на Австроунгарија и Германија – вели уредникот на сајтот Александар Дашиќ.

– Вината за Првата светска војна треба да биде на Австроунгарија и нејзиниот империјалистички стремеж да го окупира целиот Балкан. Србија не треба да има било каква одговорност за Принцип – вели продавачката Јелена Ќебиќ.

Во учебниците во Србија се тврди дека причина за Првата светска војна била борбата против големите сили за економска контрола и доминација над Европа.

Во книгата по историја се наведува дека Австроунгарија го искористила Сараевскиот атентат како изговор за долго посакуваната војна против Србија, иако српската влада не била одговорна за атентатот.

Гаврило Принцип едноставно е опишан како млад Србин од Босна.

– Принцип припаѓал на движењето Млада Босна и верувал дека со атентати и лична жртва може да се промени австроунгарската политика кон Србите и останатите Јужни Словени – пишува во книгата.

Во поглавјето за Првата светска војна истакнати се херојските победи на Србија и Црна Гора во текот на војната, а значајно место е дадено и на наводните воени злосторства на Австроунгарија.

– Австриската војска направи страшни злосторства над српски цивили – пишува во учебникот, со детални описи на масовно носење во логори, палење села, мачење цивили и забрана на српските национални симболи и ќириличното писмо.

Меѓутоа, професорката на Универзитетот во Белград Дубравка Стојановиќ тврди дека историјата на Првата светска војна се толкува во контекст на националистички мит и толкување на сопствената нација како таа која се жртвувала.

Принцип е злоупотребен како средство за промоција на владејачката идеологија, вели Стојановиќ.

– Во времето на Милошевиќ, под неговата слика првпат пишувало – српски јунак – вели таа.

– Тоа повеќе го нема, но се пишува дека тој бил српски националист, иако тој сам за себе рекол дека е југословенски националист – заклучува професорката Стојановиќ.

Хрватска го обвинува српскиот експанзионизам

Меѓутоа, во училиштата во Хрватска се учи дека Србија е виновна за избивање на војната, поради желба да ја прошири својата територија и поддржување на терористи. Во учебниците по историја во Хрватска се тврди дека Србија е меѓу одговорните за избивањето на Првата светска војна.

Додека се потврдува дека Австроунгарија сакала да осигура контрола над југоисточна Европа, во учебникот по историја за четврта година во средно училиште се вели дека Србија сакала територијална експанзија над регионите кои биле под отоманска власт до балканските војни и не била задоволна со австроунгарската анексија на Босна и Херцеговина, поради српските територијални претензии кон Босна и Херцеговина.

Млада Босна е опишана како група која спроведувала негелални терористички акции и која сакала Србија да ја преземе контролата над Босна и Херцеговина за создавање на Голема Србија.

– Тајната организација под името Обединување или смрт, позната и под името Црна рака, е основана во Србија во 1911 година, со мисија за остварување на големосрпските цели преку терористички активности – се наведува во книгата.

– Целта на организацијата, која е дефинирана во нејзиниот статут, била обединување на Србите – стои во книгата.

Историчарот Мартин Превишиќ тврди дека темата за планот на создавање на Голема Србија се провлекува низ хрватските учебници почнувајќи од 19 век, па низ двете светски војни, се до историјата на поранешна Југославија.

– Таа линија исто така води до 1991 година и Домовинската војна против српските сили од 1991 година до 1995 година – рече тој.

Некои родители кои се затекнале на Плоштадот крал Томислав во Загреб, меѓутоа не се обедитени дека Србија е одговорна.

– Идејата за ослободување од Австроунгарија била легитимна, иако и понатаму тешко е да се смета Гаврило Принцип како херој – рече Драженка Косиќ.

Косово останува неутрално наспроти војната во 1999 година

Меѓутоа, родителите во Приштина кои имаат живи сеќавања за насилната репресија на Белград над косовските Албанци, истакнуваат дека српската агресија дефинитивно е причина за избивањето на Првата светска војна.

– Цел свет страдал поради Србија – вели еден жител на Приштина Ајваз Абази.

– Србија повредила многу луѓе, како и луѓе на Косово, така природно тие придаваат големо значење на сопствените злосторници, како што е Принцип – вели Џевдет Хоџа.

Меѓутоа, децата на Косово всушност учат верзија на историја која и понатаму потсетува на наративот од учебниците од времето на стара Југославија, во кои Србија е прикажана со одредени симпатии како земја која се обидувала да ја избегне војната.

Текст за Првата светска војна, напишан по судирите на Ослободителната војска на Косово и српските сили во 1998 и 1999 година, го опишува Принцип како српски националист, наместо како југословенски, но не ја обвинува Србија дека е виновна за почетокот на војната.

Опишувајќи го австрискиот ултиматум упатен на Србија по убиството на Франц Фердинанд, учебникот сугерира дека Белград имал добра причина за одбивање на ултиматумот.

– За Србија прифаќањето на таквото барање значело губење на независноста – пишува во книгата. Арбен Арифи од косовскиот Институт за историја вели дека постои практична причина за релативно благонаклоното толкување на улогата на Србија.

– Авторите кои ги пишувале учебниците по историја пред и по прогласувањето на независноста се речиси исти – вели Арифи.

Меѓутоа, Шкелзен Гаши политиколог со специјализација од историја, тврди дека учебниците на Косово се полни со неточни податоци, лаги и фалсификати, кои создаваат сомневање меѓу учениците кога се работи за Србија.

– Србија директно не е обвинета за почетокот на војната, но индиректно да, со наведување дека војната почнала поради атентатот на Франц Фердинанд, кој го извршил припадникот на оваа српска организација, Гаврило Принцип – вели Гаши.

Македонија ги обвинува големите империјалистички сили

Учебниците во Македонија војната ја опишуваат како прва светска империјалистичка војна и се фокусираат на поделбата на македонската територија која следела. Инаку, Македонците за експанзионизмот ја обвинуваат соседна Бугарија, а не Србија.

Македонскиот историчар Новица Вељановски исто така е подготвен Србија да ја ослободи од вината.

– Не е докажано дека српската држава имала намера или план да го убие надвојводата Франц Фердинанд – вели тој. – Србија не може да се обвинува за почетокот на војната.

Во македонските учебници се наведува дека Австрија, Италија и Германија биле поттикнувачи, а дека атентатот зад кои тајната револуционерна организација на Принцип, го искористиле како изговор.

– Австроунгарија го искористила овој настан да ја обвини Србија за организирањето на атентатот, а на Белград му испратила ултиматум со речиси неприфатливи услови – се наведува во книгата.

Бугарија се обвинува за спроведување на експанзионистичка политика и за влезот во војната, за да ја освои цела Македонија.

Многу луѓе во Скопје, исто така не го обвинуваат Белград за избивање на Првата светска војна.

– Зошто Србија? Не. Сите знаат дека атентатот кој го извршил Принцип бил искористен како изговор за почеток на војната – вели еден жител на Скопје, Славјан Раденски. – Цела земја не може да се обвинува за дело на еден човек – вели Миланка Малинова.

Нема надеж за заедничка вистина?

Во Сараево на местото на кое пред 100 години бил убиен Франц Фердинанд, обичните граѓани велат дека не се загрижени тоа што децата го учат за Првата светска војна.

– Не знам и не ме интересира – вели Аднан Тепиќ. – Треба да го заборавиме тоа далечно минато.

Други тврдат дека треба да се учат само факти, без никаква пристрасност. – Треба да ги учиме децата дека се случил атентат, но треба да оставиме на секој поединец да најде сопствено толкување – смета Атија Машиќ.

Меѓутоа, како што се приближува годишнината, речиси нема надежи дека различните етнички и политички групи на Балканот ќе најдат заеднички став за причините за Првата светска војна, вели професорот по историја Зијад Шехиќ.

– Никогаш нема да постигнеме согласност по тоа прашање. Ставовите се премногу различни – вели Шехиќ и заклучува: – Никогаш нема да има заедничка вистина.

klix.ba

Би можело да ве интересира

Екстремен топлотен бран на Балканот, Македонија и соседите вријат

Балканот денеска е најтоплиот дел од Европа

Катерина Ѓуровски

Според Индексот на човечки развој Југоисточниот регион на земјава најнеразвиен во цела Европа

Лидерите на Европската Унија усвоија 18 заклучоци, од кои еден се однесува на роамингот на Балканот

Голема балканска акција за лов на педофили: 39 осомничени, вклучена и Македонија

Анита Петровска Рајковиќ

Плаќаме 33% поскап дизел, а се уште возимe најевтино на Балканот: Кои се цените на горивата во регионот

A1on