Турската полиција употреби солзавец и гумени куршуми против демонстрантите кои се обидуваат да стигнат од истанбулскиот плоштад Бешикташ до плоштадот Таксим, пренесува БТА.
Стотици демонстранти, меѓу кои членови на главната опозициска Републиканска народна партија, се собраа претпладнево на плоштадот Бешикташ.
Полицијата употреби сила за да растера и 30 членови на Комунистичката партија, кои се обидуваа да ги пробијат барикадите на плоштадот Таксим. Пред тоа силите на редот уапсија две жени што се обиделе да постават постери во реонот на Таксим.
Турските власти и оваа година забранија синдикатите да организираат одбележување на 1 мај на плоштадот Таксим.
Сепак опозициските партии и некои синдикати најавија дека се решени да организираат демонстрации од соседниот кварт Бешикташ до плоштадот.
Премиерот Ахмет Давутоглу рече дека на денешниот ден ќе бидат дозволени само „симболични“ настани, и навести дека полицијата ќе интервенира по потреба, информира „Хуриет дејли њуз“.
Неколку илјади полицајци денеска се мобилизирани за да го спречат пристапот на пешаците до Таксим, а метро станиците и автобуските постојки во реонот на плоштадот се затворени.
Плоштад Таксим е симбол за работниците во Турција. Во 1977 година во судирите таму на 1 мај беа убиени 36 лица.