Трет состанок за заедничка изложба на земјите од СФРЈ во музејот Аушвиц-Биркенау

Од:

По Белград и Сараево, Скопје денеска и утре е домаќин на третиот состанок на Меѓународната управувачка група за реновирање и трансформација на Блокот 17 – павилјон на поранешна СФРЈ во Државниот музеј Аушвиц-Биркенау во Полска.

Делегации од шесте републики и правни наследнички на поранешна Југославија на состаноците усогласуваат заклучоци како во заеднички павилјон во музејот да претстават заедничка изложба за холокаустот на Евреите – жртви од овие простори. Тие се организираат во рамки на иницијативата на УНЕСКО „Култура: мост кон развојот”.

Состанокот во Скопје е посветен на првото поглавје „Време и простор“ – вовед на изложбата, кој треба преку географска слика да ја раскаже хронолошки приказната за Евреите во контекст на еволуирањето на Југославија по Првата и до Втората светска војна, нивната култура, одделни судбини, податоци за депортацијата во логорот на смртта во окупирана Полска, мапирање на постојната документација. Изложбата би била поставена во обновениот Блок 17, на првиот кат од Државниот музеј Аушвиц-Биркенау. Координативни партнери во заедничкиот изложбен простор ќе бидат музеи и соодветни институции од шесте држави.

Третиот состанок на групата го отвори заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ, кој на делегациите им посака успешна работа и договор за, како што рече, вистински впечатлива заедничка изложба во Државниот музеј Аушвиц-Биркенау.

– Сите ние се согласуваме дека и денес и во иднина, на светот му е потребно да го зачува сеќавањето на холокаустот, за никогаш да не се заборави, за никогаш да не се повтори. Сплотени во единствената хуманистичка иницијатива, се залагаме да го зачуваме човечкиот род од уште една таква разорна, морбидна, несфатлива историска неправда, каква што беше холокаустот. И овој денешен состанок нека ја промовира и со тоа имплементира Резолуцијата 61 – Сеќавање на холокаустот, усвоена на Генералната конференција на УНЕСКО на 34. сесија во 2007 година, истакна Недељковиќ.

Ентони Краузер, претставник на Регионалната канцеларија на УНЕСКО во Венеција, појасни дека изложбата е замислена не како шест паралелни приказни, туку заедничка, која нема да ги разводнува, туку ќе ги спои материјалите од националните истории.

– Идеја за тоа како секоја земја може да ја донесе својата перспектива на заедничката тема, а на наредниот состанок веќе може да почнеме да работиме на заедничката приказна, рече Краузер. Како пример ја посочи изложбата „Замислувајќи го Балканот“ во Љубљана, по повод конференцијата на министри за култура од земјите од ЈИЕ, која споила 12 национални музеи од регионот.

Краузер ги информираше националните партнери во изложбата и за начинот на финансирање на проектот – Државниот музеј Аушвиц-Биркенау авансно ќе плати за павилјонот да стане употреблив за најкраток рок, а секоја земја од поранешна Југославија треба да и ги врати средствата на фондацијата на музејот. Шесте земји ќе треба билатерално да преговараат за точните износи што ќе треба да ги вратат, во сооднос со својот удел во реновирањето.

Би можело да ве интересира

Чиста сметка, куса љубов

Емир Латифовиќ

Ова е последната исповед на Тито

Емир Латифовиќ

ВИДЕО: Југославија во очите на Американците во 1986 година

Емир Латифовиќ

ФОТО: Еве како Тито ги славел Новите години

Емир Латифовиќ

Откриена најголемата тајна на Тито – Гробот на неговата најголема љубов

Емир Латифовиќ

(ВИДЕО+ФОТО) Кралскиот двор ги крие тајните на Тито, Милошевиќ и српскиот крал

Емир Латифовиќ