Претседателот на САД Доналд Трамп го продолжи важењето на зголемениот степен на предупредување во врска со земјите од Западен Балкан, кое е во сила од 2001 година.
Трамп го извести Конгресот на САД дека заканата поради која е предвиден таков степен на предупредување и натаму постои, соопшти синоќа Белата куќа.
-Заканата, која се рефлектира во активностите на лица кои се вклучени, помагаат, финансираат или поддржуваат екстремистичко насилство во Северна Македонија и другите земји од Западен Балкан, како и попречување на спроведувањето на Дејтонскиот договор во Босна и Херцеговина или Резолуцијата на ОН 1244 за Косово, не е елиминирана, се наведува во одлуката потпишана од Трамп.
Во одлуката на Трамп упатена до Конгресот се вели дека „актите на екстремистичко насилство и опструкциите, наведени во извршната уредба (од 2001 година), се непријателски кон американските интереси“ и оти „и понатаму претставуваат необична и голема закана за националната безбедност и надворешната политика на САД“.
-Поради тоа одлучив дека е неопходно степенот на зголемено предупредување во врска со земјите од Западен Балкан да остане во сила и по 26 јуни 2019 година, истакна Трамп.
Извршна наредба за повисоко ниво на предупредување во врска со земјите од Западен Балкан прва ја потпиша Џорџ Буш на 26 јуни 2001 година. Таа беше дополнета во 2003 година, за да ги опфати дополнителните чекори во врска со опструкциите при примената на Охридскиот договор во тогашна Македонија.