Тачи: Започнаа консултациите за формирање на новите косовски институции

Од:

Претседателот на Косово, Хашим Тачи, по денешните одделни средби со премиерот во оставка и лидер на Движењето самоопределување (ВВ) Албин Курти и претседателите на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и на Демократската партија на Косово (ПДК), Иса Мустафа и Кадри Весели, изјави дека наредните чекори за излез од ситуацијата создадена со изгласувањето недоверба на владата на Курти, ќе ги презема согласно Уставот и досегашната пракса.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Тачи во неговото обраќање пред новинарите рече дека консултациите со парламентарните политички партии ги врши со цел да создаде база на мислења и да ги оформи натамошните дејствија кои треба да ги преземе како претседател на државата по разрешувањето на владата.

– Моја основа за понатаму ќе биде целосното почитување на граѓанскиот легитимитет изразен на (парламентарните избори од) 6 октомври, имајќи го целосно предвид разрешувањето на Владата на 25 март. Сите мои натамошни дејствија ќе бидат транспарентни и целосно во согласност со Уставот на Република Косово, со законите, но и со поранешната пракса. А досегашните пракси се оние кои беа декларирани според волјата на политичките партии, изјави Тачи.

Тој се осврна и на ситуацијата предизвикана од епидемијата на Ковид-19 и, повикувајќи ги граѓаните да ги почитуваат препораките и мерките на надлежните власти, рече дека, без оглед на сé, институционалниот живот продолжува.

– Без оглед на проблемите кои ги имаме поради коронавирусот, институционалниот живот во Косово продолжува и, нормално, функционирањето на демократијата ќе продолжи. (…) По изгласаната недоверба на Владата од 25 март, принуден сум, почитувајќи ги Уставот и законите, да ги започнам консултациите со политичките партии, со нивните лидери, за наредните чекори за функционализирање на институциите на Република Косово, или за основање на новите институции, на новата влада, изјави Тачи.

По денешните средби со Курти, Мустафа и Весели, за утре се закажани средби на претседателот на државата со лидерите на Алијансата за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај, на партијата на косовските Срби, Српска листа (СЛ), Горан Ракиќ и на Социјалдемократската иницијатива (Нисма), Фатмир Лимај, како и со претставници на групата Г6, односно пратениците од партиите на немнозинските етнички заедници во Косово.

Би можело да ве интересира

Нов пограничен инцидент помеѓу Косово и Србија

Османи: Гледаме многу загриженост кај Албанците во Македонија во однос на правата стекнати со Охридскиот договор

УЕФА донесе одлука за прекинатиот натпревар меѓу Романија и Косово

Курти: Косово и Македонија немаат несогласувања, ние сме соседи, пријатели и партнери

Катерина Ѓуровски

Мицкоски пристигна во Косово, во тек меѓувладината седница

Катерина Ѓуровски

Заедничка седница на владите на Северна Македонија и на Косово во Приштина