РТС – Белград
Просторот за злоупотреба на интернетот често го отвораат самите родители со наивно поставување на фотографии од децата. Фотографиите се сликани со мобилен телефон и со помош на многу програми можат да се споредат со тие на социјалните мрежи. И тука почнува можност за злоупотреба.
Шефот на отсекот за електронски криминал Владимир Урошевиќ покажува пример на една програма, како функционираат софтверите со чија помош се врши злоупотреба.
– За да видиме како работат софтверите, ќе земеме ваша фотографија која се пребарува во база на познати лица. Тогаш ќе видиме какво е вашето совпаќање со нив… Сега тој софтвер детектира како изгледа лицето, го поставува во позиција која најмногу му одговара за да може да препознае одредени точки… Совпаѓањето од 95 отсто за детски лица, тоа може да се прави со деца и на многу опасни сервиси – вели Урошевиќ.
Постои софтвер кој е вграден во очила, а кој врз основа на фотографија им дава име и презиме на лицето со речиси сто процентна сигурност.
Детската порнографија е една од формите на криминал кој најбрзо се шири на интернет. Во акцијата Армагедон, која трае повеќе од четири години, уапсени се сто лица. Во неколку случаи на киднапери на деца, се почнало од социјалните мрежи.
– Најважно е профилите да бидат заклучени и родителите да водат сметка какви фотографии поставуваат и со кого ги споделуваат, да не оставаат податоци за децата – истакна Урошевиќ.
Меѓу најчестите закани кои ги детектираше технологијата за заштита на една позната компанија, се содржините за возрасни, секое второ дете се сретнало со тоа. Тука на сцена стапуваат родителите.
Каде се завршува почитувањето на слободата на децата, а почнува грижата за нивната безбедност? – Треба да ги научиме децата да бидат одговорни. Како што ги учиме да бидат одговорни кога ќе излезат на улица или одат на училиште, така и кога ќе вклучат интернет и влезат во светот и социјалните мрежи – потенцира Маријана Матиќ од Факултетот за политички науки.
Таа истакна дека и родителите треба да се запрашаат зошто, на пример, ставаат фотографија од четиригодишно дете во гаќички за капење на интернет.
Николина Љепава од порталот Родител, вели дека родителите се многу помалку информирани од децата.
– Деца од шест, седум години имаат Фејсбук профили, до десетата се далеку понапредни корисници на социјалните мрежи од своите родители. Проблем е што родителите имаат перцепција, може да си игра на компјутерот, тој сега е безбеден, не е на улица – смета Николина Љепава.
Во прилог на тоа зборуваат бројките. Речиси 90 отсто деца користат компјутер. Половина се на интернет, а исто толку од нив имаат мобилни телефони, често паметни.