Премиерот на Србија Александар Вучиќ апелираше денеска до жителите на градот Обреновац да не одбиваат евакуација бидејќи ситуацијата со поплавите во тој град е исклучително критична.
Во пораката упатена до жителите на градот преку државната телевизија тој побара да ги почитуваат упатствата на надлежните државни органи.
– Не терајте не да применуваме сила за да ги спасиме вашите животи и со тоа дополнително да ги загрозите животите на спасувачите, изјави Вучиќ.
Премиерот рече дека голем број животи се загрозени во Обреновац и апелираше на луѓето да не стојат на покривите на куќите и високите тераси и да не одбиваат помош при евакуација.
Во Обреновац веќе се испратени тимови за спасување од Жандармеријата, армијата и полицијата на Србија.