Српскиот парламент денеска ќе ја бира 12-тата по ред Влада од воведување на повеќе партизмот.
Премиерот и членовите потоа треба да положат заклетва.
Новата влада на Србија, предводена од премиерот Ивица Дачиќ, лидер на Социјалистичката партија на Србија, ќе има 19 членови, 17 министерства, четворица вицепремиери и еден министер без портфељ. Дачиќ најави дека Владата ќе биде најмала досега, но и најефикасна.
Дачиќ, освен премиер,треба да биде и министер за внатрешни работи, а вицепремиер, одговорен за одбраната, безбедноста и борбата против корупцијата и криминалот и министер за одбрана да биде в.д. претседателот на Српската напредна партија Александар Вучиќ.
Вицепремиер, одговорен за европската интеграција се најавува дека ќе биде Сузана Грубешиќ од Обединетите региони на Србија, вицепремиер и министер на труд и социјална политика, Јован Кркобабиќ, од Партијата на обединетите пензионери на Србија, и вицепремиер и министер за внатрешна и надворешна трговија, телекомуникации и информациско општество, Расим Љаиќ, од Социјалдемократската партија на Србија.
Министер на надворешни работи ќе биде непартиска личност – дипломатот од кариера и поранешен амбасадор во Кипар и Јапонија, Иван Мркиќ.
Финансиите и економијате ќе ги раководи лидерот на Обединетите региони на Србија Млаѓан Динкиќ.
Од вкупно 240 пратеници, Владата ќе има подршка од повеќе од 140, а нејзините главни цели се забрзување на европската интеграција, економската стабилност, борбата против корупцијата и криминалот и социјалната правда.
Коалицијата е согласна дека Србија нема да ја признае независноста на Косово, и дека прашањето на Косово и Метохија ќе се решава мирно, со дијалог и со демократски решенија.