Полицијата во Будва уапси државјанин на Србија поради сомнение дека киднапирал невенчана сопруга, соопшти денеска Полициската управа на Црна Гора.
Како што е наведено, полициски службеници од Одделението за безбедност во Будва биле известени од Одделението за меѓународна оперативна полициска соработка Интерпол – Европол дека жена од Панчево пријавила дека нејзината ќерка, која со невенчаниот сопруг е во Црна Гора, стравува за својот живот.
Службеници на Одделението за безбедност во Будва извршиле теренски претрес во врска со поединостите наведени во пријавата и откриле возило „БМВ“, во кое биле Ѓ.Д. (32) од Република Србија и оштетената, која имала видливи повреди на главата и телото.
Утврдено е дека тие повреди ги нанел Ѓ.Д. додека биле во семејната куќа во Панчево и дека против нејзина волја ја донел оштетената од Панчево во Црна Гора, со употреба на сила и закани.
Оштетената била однесена на лекарски прегледи. Обвинителот при Основното државно обвинителство Котор по увидот во списите на предметот изјави дека во дејствијата на Ѓ.Д. има елементи на кривичното дело киднапирање. Ѓ.Д. е уапсен и против него ќе биде поднесена пријава.