Директорите на полицијата на Германија, Австрија и Унгарија постигнаа договор да и помогнат на Србија да се справи со бранот на илегални имигранти, што транзитираат преку нејзина територија на пат кон ЕУ, изјави директорот на српската полиција Милорад Велјковиќ.
Десетици илјади имигранти од Блискиот Исток и Африка ја користат балканската рута за влез во ЕУ, преминувајќи од Грција во Македонија, а потоа во Србија на пат кон Унгарија, која е во Шенген зоната. Откако ќе стигнат таму тие можат да се движат слободно низ повеќето внатрешни граници на ЕУ.
По средбата во Белград со колегите од Унгарија, Австрија и Германија Велјковиќ соопшти дека германски и австриски полицајци ќе ја контролираат македонско-српската граница со цел да ги одредат потребите од човечки ресурси и опрема, неопходни за запирање на бранот на имигранти.
– Колеги од Унгарија и возила со уреди за ноќно набљудување веќе се на српската граница со Македонија, а ќе биде создадена и заедничка база на податоци за имигранти, изјави Велковиќ.
Србија не е членка на ЕУ, но само годинава во земјата азил побарале над 34.000 имигранти.