Портпаролот на виенската полиција Матијаш Шустер денеска изјави дека откако ја погледнале снимката, која ја имале роднините на исчезнатата Данка Илиќ (2), голема е веројатноста дека станува збор за исчезнатото девојче и нагласи дека полицијата објавила различни фотографии.
Шустер за Танјуг нагласи дека Државната криминалистичка полиција во Виена веќе покренала истрага.
„Имаме многу добар и близок контакт со српските власти во врска со девојчето кое исчезна на 26 март, денеска по налог на Јавното обвинителство на Виена објавивме различни слики, на тие слики се гледа мало дете и уште две жени. По увидот на видео материјалот од роднините, голема е веројатноста дека се работи за исчезнато девојче“, изјави Шустер.
Претходно, виенската полиција излезе со соопштение и нагласи дека по наредба на австрискиот јавен обвинител побарала објавување на нови фотографии на кои се гледа девојка која личи на исчезнатата Данка Илиќ.
Како што се наведува во полициското соопштение, потерницата е издадена затоа што постои сомнеж за киднапирање на дете, а во исто време се повикуваат сите кои ги познаваат жените или знаат каде се наоѓаат веднаш да се обратат во полиција.
Австриската полиција претходно денеска соопшти дека семејството на исчезнатата Данка Илиќ претпоставува дека двегодишното девојче е на видеото што е направено на трамвајската станица во Виена.
„Откако роднините на исчезнатото девојче ги погледнале видеата, претпоставиле дека е голема веројатноста да се работи за девојка од Србија“, се наведува во соопштението.
Се додава дека видеото до австриските власти го проследил маж кој на трамвајската станица „Шотенринг“ наишол на мало дете во придружба на две возрасни жени и ја забележал сличноста меѓу детето и двегодишната Данка Илиќ.
„Српските власти потоа ја контактирале полицијата во Австрија, а истрагата за сомнителното киднапирање на детето ја презела виенската државна криминалистичка полиција“, се вели во соопштението.
Данка Илиќ исчезна на 26 март во близина на Бањско Поле во Бор, а потрагата по неа трае оттогаш. По неа е распишана потерница од Интерпол, а поради нејзиното исчезнување за прв пат во Србија е активиран системот „Најди ме“.