Што на Босна е Турција, а што на Турција е Босна?

Од:

Речиси е единствен случај еден народ толку да симпатизира и негува чувство кон друг народ и неговата земја, каков што е случајот со босанскохерцеговските Босанци кои тоа го искажуваат кон Турција. Тоа не би било необично ако не се работи за земја која Турција своевремено ја освоила на сила и во покорност ја држела цели 415 години. А се знае што значи да му служиш и робуваш на друг. Меѓутоа, треба да се потенцира дека тие чувства се двострани, што е феномен кога се во прашање тие односи.

Два фактора

Босна била тесно поврзана со Турција одамна пред да падне под нејзина власт. Во тоа биле два важни фактора од босанска страна: несредената политичка состојба во земјата и домашната верба која ја имале тогашните Босанци. Имено, во средновековна Босна, постојано се војувало. Властодршци се бореле против властодршци, овие против своите кралеви, кралевите против непослушните феудалци. Некои од феудалците барале помош од султанот и тој прифатил со драга волја. Таквата состојба во земјата кулминирала во средината на 15 век, токму во време кога Турција сосема се приближила на босанските граници.

Вториот фактор кој ги зближил Босанците и Турците и пред да потпаднат под нивна власт, била верата на тогашна Босна. Тоа било богомилство кое не го признавала ни западната ни источната црква, па христијанска Европа со стотици години праќала крстоносци и инквизиција на Босна, да рушат, палат, ограбуваат и да убиваат. Тие кои истрајувале во својата вера, можеле да бираат: да завршат на клада или да бегаат од земјата. Многумина наоѓале спас токму кај Турците. Кога Мехмед ел Фатих во 1463 година тргнал кон Босна, теренот за освојување веќе бил подготвен. Народот гневен на својот крал што подлегнал на притисоците на странците, па и самиот со нив учествувал во негово прогонување, не застанал во одбрана на својата земја и султанот ја добил Босна без борба. Тие настани трајно ја определија судбината на Босна и на Босанците.

Имено, додека султанот со војската престојувал под Јајце, неочекувано за него, му дошла на поклонство маса народ предводен од верски и световни старешини. Тука изјавиле дека го прифаќаат за свој нов господар и дека според своја волја сакаат да станат муслимани. Султанот бил многу изненаден. Уште претходно запознат со политичката и верската состојба во нивната земја, за возврат на лице место им дали многу повластици кои Босна и Босанците трајно ги поврзале за Турција.

Од тие повластици две биле најзначајни: домашното благородништво ги задржало своите имоти, што никогаш порано тоа не било дадено на ниту еден покорен народ. Со втората повластица Босанците добиле право своите деца бесплатно да ги школуваат во царските училишта во Цариград, каде се обучувале за државнички служби, или за кадар во редовите на јаничарите. Со време многу од нив станале моќни личности во Царството. Едни се истакнале како војсководачи, паши, везири или адмирали, други како правници, улеми, книжевници, филозофи, поети, итн. Многу од нив дошле до најголемите функции во Царството, стекнале богатство, моќ и углед.

Големите војни

Она во што Босанците најмногу се истакнале и според што Турците посебно ги ценеле било нивното херојство и лојалност. За разлика од другите покорени народи, Босанците уште од средбата со султанот Мехмед ел Фатих во Јајце ја прифатиле Турција како своја држава, а султаните како свои владетели. Се она што се случувало со Царството го доживувале како судбина на Босна и на нив самите. Затоа се бореле за Царството понекогаш и повеќе од самите Турци. Тоа Цариград го ценел па Босна во се имала повластен статус. И затоа што била нај истурена покраина на Царството, наспроти нај лутите и најопасните нејзини непријатели – Австрија и Млетачката република.

Сите освојувања кои Турција ги направила во Европа поаѓале од Босна. Во нив обавезно учествувале Босанците како посебен дел од царската војска. За она што го правеле на бојните полиња султаните ги наградувале со имоти во освоените земји, па многу се населиле во Далмација, Лика, Славонија, Србија, Унгарија. Со тоа истовремено на нив паднала целата одбрана на се што Турција го стекнала во Европа. Тоа на крајот Босна и Босанците ќе ги завие во црно.

Несреќата за Босна и Босанците, како и за целото Царство, почнува кон крајот на 17 век. Пресвртница направила големата Виенска војна по неуспешната опсада на Виена во 1697 година. Здружените европски сили покренале противофанзива во чиј тек Турција за секогаш го изгубила речиси се што освоила во Европа, со исклучок на Босна. Следеле долготрајни тешки војни во кои најголемиот товар го поднеле Босанците. Турција не била во состојба да им ја пружи потребната помош, бидејќи водела тешки битки на други страни.

Во 1697 година австриската војска, предводена од принцот Еуген Савојски, неочекувано продрела во срцето на Босна, го нападнала, ограбила и запалила Сараево. Ја искористиле приликата кога босанската војска била надвор од земјата на други боишта.

Од некогашната непобедлива царска војска во 18 век останала само сенка. Единствена сила во која султаните имале најголема доверба била војската на Босанскиот пашалук. Ја испраќале таму каде што било најтешко и каде требало да се одбрани или да се поврати изгубеното. Војувала во Иран, Русија, Египет, Бесарабија, се борат со Млеќаните, Пољаците, Австријците, Србите, Козаците. Насекаде победуваат, но и масовно гинат.

Во 1635 година учествуваат во нападот на Багдад. Во битката кај Лугоша во 1696 година, го спасуваат султанот Мустафа втори од сигурна смрт. Во војната со Персијците во 1727 година, од 9.000 босански борци дома се вратиле само 500, а и тие биле болни и осакатени. Во 1736 година во битката кај Очаково во Русија од нив 10.000 по пет години се вратиле само 1.340. Во период од 20 години загинале над 20.000.

Свеста за поврзаноста на верата и државата

Откако Турција ги изгубила Унгарија, Славонија, Лика, Далмација и делови од Србија, босанската епархија со семејствата ги напуштиле тие земји и се вратиле во своите родни места, во Босна. Австрија и Млетачката република тогаш сите свои напади ги насочиле на Босна. Турција поради презафатеност на други страни не можела да им помогне на Босанците. Дури, често султанот ги молел да појдат во одбрана на границите на други страни. Во крајно тешка состојба ги потсетувал дека според прописите на Куранот, како муслимани, света должност и обврска (фарз) е да ги бранат границите на муслиманските држави. И оделе и затоа што според исламските начела им била врежана свеста за поврзаноста на верата и државата. Живеејќи со векови заеднички живот, Турција ја сметале за своја држава, ја бранеле со својата верска должност, а во султанот гледале свој водач.

Опколени од сите страни со христијански земји, на Босанците им се заканувала опасност од целосно истребување. Знаеле, дека ако Босна биде освоена, ќе исчезнат како муслимани. Во тоа многу пати се увериле. Кога во 1737 година австриската војска тргнала на Босна, предводена со четворица фелдмаршали и десет генерали, царот Карло петти, издал проглас до босанските муслимани дека им ја гарантира имотната сигурност под услов да се покрстат, бидејќи под Австрија како муслимани немаат опстанок. Слична порака нешто подоцна им пратил и цар Јосип втори. Длабоко лојални на исламот, за Босанците војувањето и пролевањето крв за османлиската држава било исто што и борба за исламот, следејќи го исламско начело дека државата е верска институција. Живеејќи со векови со Турците и делејќи ја заеднички нивната судбина, се сметале за еден народ, свесни дека со нивно посредство и станале муслимани. Борејќи се и гинејќи за Царството, Цариград ги ценел.

Пресврт во 1878 година

Пресвртот за Босанците бил во 1878 година, кога велесилите на Берлинскиот конгрес од Турција ја одземале Босна и на Австрија и дале мандат да ја окупира. Тоа во Босна предизвикало огорчување и Босанците се одлучиле да се спротивстават на окупацијата. Отпорот бил таков што Австрија со 80.000 војници не можела да направи ништо, па на крај морала да ангажира сили од 300.000 луѓе. Во три месеци биле водени 76 битки. Жртвите биле огромни на двете страни. Многу Босанци не можеле да се помират со настанатите промени и нашле излез во иселување во Турција, сметајќи ја и понатаму за своја татковина. Турција, пак, ги примала како свои граѓани. Проценките говорат дека вкупно се иселиле над 150.000. Покрај сето она што повеќевековната заедничка историја ги зближила овие два народа, потомците на нашите иселеници ги прават силните темели на босанко-турските врски. На тие основи и традиции се темели и денешното пријателство на тие два народа.

Длабока трага

Босна на Турција и дала:

9 големи везири

3 наследници на везирите

20 беглербегови (намесници на провинции)

40 адмирали

Над 180 други високи личности кои оставиле длабока трага во турската историја, многу од нив биле оженети со ќерките на султанот, па на тој начин ги зацврстиле врските меѓу двата народа.

Дневни аваз – Сараево

 

Би можело да ве интересира

Претседателството на БиХ добило дојава за поставена бомба

Горан Наумовски

Нова семејна трагедија се случи во БиХ: Со бензин го запалил својот брат, жртвата починала во болница

(ВИДЕО) Во Босна и Херцеговина падна првиот снег

Горан Наумовски

Силен земјотрес ја потресе Турција

Горан Наумовски

Земјотрес ја погоди Босна и Херцеговина: „Ме лансираше од кревет, се се тресеше“

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Млади војници дадоа просекуларна заклетва, Ердоган најави „чистка“ во армијата