Високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит изјави дека членот на Претседателството на БиХ Милорад Додик „ја преминал границата на реторичко потпалување оган, поништувајќи ги одлуките на високиот претставник и не признавајќи го Уставниот суд на БиХ“.
Шмит, во интервју за германскиот весник Зидојче цајтунг, истакна дека негова обврска е да обезбеди цивилна имплементација на Дејтонскиот договор, како што е наведено во Анекс 10.
– Моја задача е да го променам тоа со притисок и насоки. Ако оваа политика не предизвика промени, меѓународната заедница мора да дејствува пред да има распад на БиХ, наведе Шмит.
Тој додаде дека на располагање му се овластувањата од Бон, кои вклучуваат смена на политичари кои го нарушуваат Дејтонскиот договор, но, истакнувајќи оти „не смееме да пукаме од најсмртоносниот топ додека има други средства“.
Шмит оцени и дека „е погрешно да се верува дека ништо не оди на Западен Балкан без експлозии и чад“.
Запрашан дали ЕУ згреши што не воведе санкции за Додик како САД, бидејќи Шпанија се спротивстави на тоа, Шмит посочи дека е среќен што поранешниот германски министер за надворешни работи Хајко Мас ја иницирал дебатата, а Аналена Бербок продолжи.
– Има и други членки на ЕУ кои го поддржуваат тоа. Јас сум оптимист и мислам дека ЕУ ќе најде начини да влијае врз Додик, нагласи Шмит.
Тој посочи дека Советот за имплементација на мирот претходно овој месец потврди дека секое прекршување на Дејтонскиот договор ќе има последици, но разговорите со Додик се уште се во тек.
– Знам дека на Додик итно му требаат пари. Успешно соработувам со ММФ, Светската банка и ЕБРД да добива пари Додик само под строги услови, наведе Шмит.