Продолжуваат преписките меѓу албанскиот претседател Илир Мета и премиерот Еди Рама за именувањето на Сандер Леши, за министер за внатрешни работи.
По непотпишувањето на указот од страна на Мета, наименувањето на Леши од страна на Владата за заменик министер за внатрешни работи, барањето на Рама да се испита уставноста на однесувањето на претседателот, Мета денеска достави писмо со 14 прашања до Министерството за одбрана, кое повеќе наликува на презентирање на аргументи за преземениот негов чекор.
– Назначувањето на Сандер Леши на функцијата министер за внатрешни работи претставува фундаментална уставна проблематика. Тоа е затоа што војниците кои се во активна служба не можат да бидат избрани или назначени на други државни задачи ниту да бидат дел од партии или политички активности. Исто така активен војник не може да се кандидира ниту да биде избран за министер или заменик без претходно да се откаже од должност, се наведува меѓу другото во писмото упатено до министерката за одбрана Олта Џачка.
Поради запознавање, како што велат од претседателскиот кабинет, писмото е упатено и до премиерот Еди Рама и до спикерот на Парламентот, Грамоз Ручи.
За реакција многу не доцнеше Рама, кој на својот твитер профил, дава одговор на прашањата на Мета.
– Бидејќи претседателот го објави писмото со вкупно 14 прашања, еве го и моето писмо во врска со прашањата. Ова се поврзува со барањето до претседателот за генералот Сандер Леши за министер, а кој непотребно се исцрпува. Успешно читање, напиша Рама.
Во писмото тој искажува жалење за однесувањето на Мета и непотребното трошење време, а наведува и тврдења на експерти кои истакнуваат дека шефот на државата нема уставна надлежност да не потпишува указ за министер предложен од премиерот.
Рама на својот твитер профил го објави и барањето на Леши упатено до претседателот Мета и му препорачува да го заокружи процесот на потпишување на указот „како што од него бара Уставот“.
Заменик министерот за внатрешни работи Сандер Леши во писмото, бара од претседателот Илир Мета да му го одземе чинот генерал, како решение кое ќе овозможи негово назначување за прв човек на министерството.