Лидерите на Европска унија и земјите членки на ЕУ, во консултација со партнерите од Западен Балкан денеска во Софија усвоија Декларација во 17 точки, со кои е повторена недвосмислената поддршка за европската перспектива на регионот, а исто така се наведени и задачите и принципите што треба да бидат исполнети за време на процесот на евроинтеграција.
Усвоен е и Анкес на декларацијата што се однесува на зајакнување на врските и соработката помеѓу ЕУ и Западен Балкан.
– ЕУ ја поздравува заедничката посветеност на партнерите од Западен Балкан на европските вредности и принципи и визија на силна, стабилна и обединета Европа поддржана со нашите историски, културни и географски врски и нашите взаемни политички, безбедносни и економски интереси, се наведува во првата точка на документот.
ЕУ повторно ја потврди недвосмислената поддршка за европската перспектива за Западен Балкан.
– Врз основа на досегашниот напредок, партнерите од Западен Балкан ја потврдуваат својата посветеност на европската перспектива како свој силен стратешки избор и ги зајакнуваат своите напори и взаемна поддршка. Кредибилитетот на овие напори зависи од јасните информации од јавноста, се посочува во Декалрацијата.
Исто така се наведува и дека ЕУ е одлучна да ја зајакне и интензивира својата посветеност на сите нивоа за да ја поддржи политичката, економската и социјална трансформација на регионот, вклучително и со зголемување на помошта.
– ЕУ ја поздравува посветеноста на партнерите од Западен Балкан на владеење на демократијата и владеење на правото, посебно во борба против корупцијата и организираниот криминал, доброто управување и почитување на човековите права и правата на припадниците на малцинствата, се истакнува во документот, при што се додава дека граѓанското општество и независните медиуми имаат клучна улога во процесот на демократизација.
Европската унија ја поддржува и посветеноста на партнерите од Западен Балкан да продолжат да воспоставуваат добрососедски односи, регионална стабилност и меѓусебна соработка.
– Ова опфаќа, посебно, изнаоѓање и спроведување на дефинитивни, инклузивни и обврзни решенија за нивните билатерални спорови, кои се вкоренети во наследството од минатото, како и понатамошни напори за помирување, се посочува во Декларацијата.