Грција ќе иницира трилатерален самит со учество на грчкиот премиер Алексис Ципрас, германската канцеларка Ангела Меркел и турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, посветен на бегалската криза, најави грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас.
– Ние ќе ја покренеме иницијативата за која зборувавме. Тоа е иницијатива на премиерот (Ципрас), кој практично е поддржан од Министерството за надворешни работи, изјави Коѕиас за грчката телевизија Мега.
За трилатералниот состанок се уште не е утврден точен датум, но се очекува тој да се оддржи на почетокот на февруари идната година на островот Хиос.
– Потоа планираме да одиме на спротивниот брег во Измир, за да се разговара за ситуацијата со бегалците и во двете земји, додаде грчкиот министер за надворешни работи.
Коѕиас нагласи дека властите во Грција имаат проблеми со економските имигранти кои доаѓаат од Мароко, бидејќи меѓу нив има и криминални групи.
– Тие, како што знаете, за 50 евра доаѓаат од Алжир и Мароко до Истанбул и оттаму се движат кон грчкиот брег. Овие мигранти не треба да бидат пуштани на аеродромот во Истанбул, истакна грчкиот министер.
Од почетокот на годината повеќе од 750.000 бегалци и имигранти преку Егејското море пристигнаа од Турција во Грција.