Грчкиот премиер Андонис Самарас попладне ќе има состанок со министерот за финансии Јанис Стурнарас, кој уште еднаш ќе го информира за сите детали околу мерките за штедење кои се подготвуваат и со кои во наредите две години треба да се намалат 11,5 милијарди во трошоците.
Владата очигледно се уште бара начини како да се намалат трошоците, а да се избегне ставањето во резерва на вработени во јавната администрација, иако според веќе потпишаниот договор со меѓународните кредитори до 2015 година треба да се отпуштат 150 илјади јавни службеници.
Лидерите на ПАСОК и Демократската левица, Евангелос Венизелос и Фотис Кувелис вчера не се согласија со мерките на Самарас за ставање во резерва на 15 илјади јавни службеници. Според Кувелис, шемата за резервни административци нема да придонесе за подобрување на економската состојба на земјата и ќе го зголеми бројот на невработени.
Ставање работници во резерва се докажа дека е фијаско. Јас не можам да се согласам со фијаско, изјави Кувелис по средбата.
Венизелос повтори дека искуството со ставање работници во резерва се покажало како негативно.
Портпаролот на грчката Влада Симос Кедикоглу соопшти дека и покрај се, се уште се преговара за оваа мерка, но и оти се бара најдобро решение.