Советот за безбедност на Обединетите нации(ОН) не го поддржа британскиот предлог на резолуцијата за Сребреница, Меѓу членките десет гласале ’за’, Русија била ’против’ и го искористила правото на вето, додека Кина, Нигерија, Венецуела и Ангола биле воздржани.
На самиот почеток на седницата брифинг за присутните одржа Јан Елијасон, заменик на шефот на ОН, кој говореше за настаните во Сребреница и констатираше дека Советот мора да размисли што е неопходно да се направи за да не се повтори овој геноцид.
По неговиот краток увод, на присутните преку видео линк од Женева им се обрати принцот Зеид, висок претставник на ОН за човекови права, чиј говор беше посветен за тоа како ОН дозволило да се направи таков геноцид.
„Сребреница е катастрофа што ја доживеа народот на БиХ, но е и катастрофа на ОН“, заклучи Зеид.
Претставникот на Русија Виталиј Чуркин обраќањето го започна со барање за минута молчење за жртвите во Сребреница. Тој констатираше дека усвојувањето на резолуцијата би било контрапродуктивно, па побара таа да не биде ставена на гласање. Во спротивно Русија ќе гласа против.
„Британскиот нацрт не е конструктивен и предизвикува судири, обвинува само еден народ. Таков пристап е политички мотивиран, не е легитимен и не му служи на напредокот во БиХ“, рече Чуркин.
Претставникот на Велика Британија Питер Вилсон рече дека резолуцијата како документ не го обвинува српскиот народ и дека заради почит кон жртвите важно е да се гласа за британскиот предлог.
Кина пред гласањето предлагаше да продолжат консултациите додека не се пронајде заеднички јазик во врска со резолуцијата.
Првично беше планирано седницата да биде одржана во вторникот, но беше одлагана три пати бидејќи бидејќи немаше консензус за текстот на британската резолуција.