Романскиот премиер Виктор Понта синоќа најави реконструкција на неговата Влада, еден месец по пораз што го доживеа на претседателските избори на кои важеше за фаворит.
– Реконструираната Влада ќе треба да ја задржи Романија на патот на економски раст и продолжување на реформите започнати во последните две години, изјави Понта по средбата на лидерите на партиите од владината коалиција.
Со реконструкцијата на Владата се разрешени неколку министри технократи и на нивни места се именувани членови на владејачките партии, меѓу кои поголемиот дел се непознати за пошироката јавност.
Како што најави Понта, нов министер за економија ќе биде социјалдемократскиот пратеник Михај Тудосе, додека актуелниот министер за буџет Дариус Валков, ќе го преземе и ресорот финансии.
За реконструираната Влада на Понта, Парламентот би требало да се изјасни во текот на денешниот ден.
Понта изјави и дека би сакал подобра соработка со новиот шеф на државата Клаус Јоханис, кој ќе стапи на должноста на 21 декември.