Ратко Младиќ е во многу тешка здравствена состојба

Од:

Синот на генералот Ратко Младиќ, поранешен командант на Главниот штаб на Армијата на Република Српска, Дарко Младиќ, денес изјави дека неговиот татко е во многу сериозна здравствена состојба, а тоа му го потврдиле медицинските работници во Хашкиот трибунал.

„Го посетив татко ми пред еден месец. Лекарите тогаш ми кажаа дека веруваат оти сега е неизлечив пациент и дека му остануваат уште неколку месеци или недели живот. Нашите лекари го истакнаа овој факт пред една година, кога татко ми падна во кревет. Со оваа изјава, холандските лекари на некој начин признаа дека на мојот татко, дури и со најдобрата волја на лекарите, не можело да му се обезбеди соодветна медицинска нега во затворски услови“, изјави Младиќ за Политика.

Тој додаде дека лекарите во Трибуналот постојано го молеле Ратко Младиќ да изјави дека не сака да биде реанимиран во случај тоа да мора да се направи поради неговата здравствена состојба, а тој категорично одбивал секој пат кога му го поставувале тоа прашање.