Албанскиот премиер Еди Рама, коментирајќи ги политичките случувања во Србија и европската перспектива на Западен Балкан, изјави дека Србија останува затворена за признавањето на Косово.
Рама учествуваше на „Самитот на Еуроњуз за проширувањето“ во Брисел – форум на високо ниво посветен на проширувањето на Европската унија и европската перспектива на земјите што се стремат кон членство.
Тој наведе дека постојат многу сложени прашања, но додаде дека, на крајот на краиштата, нема ништо подобро од Европската унија.
„Ние сме дел од регион кој сè уште не е целосно интегриран во ЕУ. Следствено, ние сме тие што ги слушаат лекциите, а не оние што ги држат – такво е правилото овде во Брисел. Затоа, нема да држам лекции никому, туку само ќе кажам дека, иако Србија навистина е клучен дел од мозаикот на Западен Балкан, секогаш сум се спротивставувал на тоа Србија да тргне во погрешна насока и да го напушти европскиот проект, бидејќи тоа, пред сè, би му наштетило на нашиот сопствен регион“, рече тој.
Осврнувајќи се на неодамнешните политички случувања во Србија, Рама истакна:
„Она што го знам е дека победниците на изборите во Белград не покажуваат никаква отвореност кон прашањето што е најважно за мене и за албанскиот народ: признавањето на Косово. Тие остануваат целосно затворени по тоа прашање, што значи дека ’тонот‘ во Белград нема да се промени“.
Тој нагласи дека „Србија покажа колебање во однос на нормализацијата, не само со Косово, туку и во својот став кон Русија и прашањето за санкциите“.
„Ни треба Србија да биде со нас, ни треба Србија да биде дел од соседството кое е предодредено да стане составен дел од ЕУ. Србија мора да покаже резултати и целосно да го заслужи своето место, преку исполнување на сите бескомпромисни барања поставени од ЕУ“.
