За помирување на косовските Албанци и Срби ќе биде потребно време, а потребна е визија и политичко лидерство за да се поттикне тој процес, нагласи албанскиот премиер Еди Рама, додавајќи дека процесот на помирување меѓу косовските Албанци и Србите е „пат од кој има нема враќање“.
Во интервју за германскиот весник „Франкфуртер рундшау“ тој ги отфрли претпоставките дека непризнавањето на Косово од страна на Белград може да има влијание врз европската интеграција на Албанија.
-Ние сме еден народ, иста крв и зборуваме ист јазик, но живееме во две земји. Помирувањето на Косовците и Србите ќе трае. Но, кој можеше да замисли дека Германците и Французите повторно ќе бидат блиски партнери само неколку години по Втората светска војна? Потребни се политичка визија и лидерство за да се придвижи овој процес напред. Но, овој процес ќе се случи, сигурен сум. Нема враќање назад, изјавил тој, пренесуваат албанските медиуми.
Додал дека Србија на ниту еден начин не ја поддржува војната на Путин, но претседателот Александар Вучиќ има еден проблем, а тоа е дека економијата зависи од рускиот гас и нафта.
Запрашан за неговиот личен однос со Вучиќ, Рама рече дека тие имаат добри односи, иако понекогаш имаат различни мислења.
Во одговор на изјавата дека и покрај економскиот раст, Албанија ги губи своите жители, тој рече дека тоа е лошо.
-За жал, историјата е нашиот главен извозен производ и тоа не е добро. Балканот никогаш не бил досадно место, но ние на Балканот би сакале да станеме подосадни и понормални. Досадно како ЕУ. Тоа е здодевна земја кога сè функционира како во Германија, рекол тој.
Според него, за 30 години транзиција ниту една земја во Европа не се променила повеќе од Албанија. За отворањето на преговорите со ЕУ, премиерот нагласува дека трпението за ова прашање е неисцрпно бидејќи нема второ решение.
Во интервјуто во кое одговара и на некои лични прашања, тој најавил дека по политичката кариера можеби ќе стане дизајнер на сопствената гардероба. Тој вели дека има намера да остане во Албанија, која би требало да стане „подосадна“, но не толку досадна за да ја напушти.
Извор: МИА