Албанскиот премиер Еди Рама во изјава за медиумите, по седницата на Претседателството на неговата Социјалистичка партија, изјави дека Владата ќе продолжи да ги поддржува граѓаните и категориите најпогодени од економската криза.
Тој најави дека буџетот за 2023 година се планира да биде двојно поголем од оној во 2013 година.
-Направивме сè што можевме. Го финализираме буџетот за следната година, што е двојно повеќе од буџетот за 2013 година, што покажува дека има позитивни промени. Ова удвојување се заснова на неопходноста да се поддржат сите, најави тој. Додаде дека како дел на Европа и неговата земја и народ се принудени да се соочат со „ерата на новата закана“.
-Влеговме во ера на голема закана. Ние, како дел од Европа, ние сме принудени да се соочиме со заканите на оваа ера, што резултираше, покрај бомбите и злосторствата во Украина, и поскапување на енергенсите во целиот свет, а секако и во Албанија. Тоа е воена инфлација и трошок што ги плаќаме за авантурата на диктатор, како Путин. Иако инфлацијата не ја донесе владата, сепак таа треба да го олесни товарот на оваа војна над грбот на домаќинствата, рече Рама.
Тој потврди дека на седницата на партиското претседателство имале плодна дискусија и ги поделиле задачите во однос на локалните избори што ќе се одржат на пролет.
Врз основа на одредбите од изборниот законик, изборите треба да се одржат во периодот од 15 април до 15 мај 2023 година. Но, по консултациите кои ги имаше претседателот на државата Бајрам Бегај со политичките партии се почесто се споменува 14 мај(недела). Уредба за денот на изборите тоа треба да потпише Бегај.
Извор: МИА