Одбраната на поранешниот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ се жалела на одлуката на Канцеларијата за регистри при Меѓународниот механизам за кривични судови (ММКС), со која поради безбедносен ризик е укинат пилот-проектот преку кој хашките притвореници можеле да испраќаат и примаат видеоповици.
Адвокатот Петер Робинсон оценува во жалбата дека секретарот Олуфеми Елиас погрешил кога одбил да му овозможи видеоповици на Караџиќ во Притворската единица на ОН.
– Неговата одлука по жалбата на Караџиќ го нарушува правото на семеен живот, имајќи го предвид траењето на неговиот притвор, оддалеченоста од семејството и можноста за воспоставување видеоповици за притворениците низ светот, се наведува во жалбата.
Робинсон нагласи дека претседателот на ММКС треба да ја смени одлуката на секретарот и да одреди рок за примена на видеоповици.
Пилот-проектот во врска со видеоповиците е покренат откако Караџиќ повеќе пати барал да му се дозволи пристап до Скајп или некое средство за видеокомуникација.
Караџиќ во март оваа година е правосилно осуден на доживотна затворска казна за геноцид во Сребреница, протерувања низ БиХ, малтретирање на граѓаните на Сараево и киднапирање на припадници на УНПРОФОР.