Познатиот хрватски и југословенски актер Раде Шербеџија откри дека викендов бил во Белград за да се вакцинира против коронавирусот.
„Тоа го сторив во Белград, поради тоа што тие не се во Евроската заедница, па можат да набават вакцини по свои канали и набавиле разни. Сето тоа го направија одлично, така што многу луѓе отидоа таму да се вакцинираат. Јас ја поднесов вакцината одлично. Многу мои пријатели од Сараево отидоа таму за да се вакцинираат. Тоа е потребно, не може да се чека. Кој може тоа да го направи, треба да го направи. Се надевам дека вакцините сега ќе почнат да доаѓаат побрзо од ЕУ. Се надевам дека ова лето ќе можеме да го дочекаме помирно и дека ќе можеме да се дружиме. Имам такво чувство,“ изјави Шербеџија за сараевскиот весник „Дневни аваз“.
Шербеџија го коментираше и животот во време на пандемија и сподели свој совет за тоа како луѓето да се носат со оваа ситуација.
„Треба да се биде на некој начин паметен… Да се биде внимателен, секако, но треба на некој начин да се биде и паметен и да се обидете понатаму да продолжите во рамките на тоа што е можно и колку што дозволува ситуацијата, да се продолжи нешто со тоа уметничко дејствување, инаку отиде се по ѓаволите. Луѓето ќе добиваат последици на своите психи, ќе се раѓаат нови болести, нелагоди,“ вели познатиот актер.