Националниот денешен бугарски празник ќе биде одбележан со протести низ државата, а и низ Европа. Порталот „Софиаглобе“ извести дека демонстрантите се фокусираат на две барања: Парламентот да остане на седница за да гласаат за промени во законите за да „им биде овозможено поголемо учество на граѓаните во владеењето“ и да бидат уништени монополите во Бугарија.
Протестите во државата се најавени во повеќе градови во текот на целата недела. Во Софија парадата започнува од 11 часот, а ќе тргнат две поворки, една од Орлов мост, друга од зградата на Министерството за економија. Други најавени протести се во Варна, Пловдив, Русе, Благоевград.
Локалната новинска агенција „Фокус“ најави дека емигрираните бугари ќе изразат солидарност преку протести во околу 25 градови во Европа. Предвидени се протести во Лондон, Манчестер, Дунди, Глагов, Даблин, Берлин, Минхен, Франкфурт, Колоњ, Дизелдорф, Виена, Мадрид, Малага, Барселона, Бенидорм, Валенција, Аликанте, Зарагоза, Памплона, Атина, Париз, Лил, Рим и Милано. Покрај тоа, бугарските деца кои живеат во странство ќе цртаат цртежи за да го одбележат националниот празник, кои ќе бидат прикажани на бугарскиот Парламент.
Јасна Атанасова