Во рамките на европската програма што предвидува над 200 пожарникари од шест европски земји да ѝ помагаат на Грција во гаснењето на пожарите, во следниот период заедно со грчките ќе бидат и пожарникарите од Франција, Норвешка и Финска, јави дописничката на МИА од Атина.
Францускиот тим од 25 пожарникари ќе бидат распоредени во областа Атика, поширокиот регион на Атина во текот на август и доаѓаат на местото на романскте пожарникари, кои си заминаа во петокот.
На Пелопонез, во градот Триполи ќе бидат пожарникарите од Норвешка, вкупно 27 кои пристигнаа вчера, а во текот на денот се очекува да пристигне и тимот од 48 пожарникари од Финска.
Министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција Христос Стилијанидис, утрово во Атина ги пречека француските пожарникари и рече дека
-Вашето присуство, драги пријатели, уште еднаш докажува колку се силни врските меѓу грчката и француската противпожарна служба. Истовремено, ги потврдува силните историски врски меѓу нашите две земји, Грција и Франција. Успехот на програмата за распоредување на европските пожарникари е доказ дека европската солидарност функционира со конкретни, опипливи резултати, рече Стилијанидис.
Европската пилот програма се спроведува преку Европскиот механизам за цивилна заштита со поддршка на Европската Комисија и предвидува во периодот јули- август пожарникари од Бугарија, Романија, Германија, Франција, Финска и Норвешка да бидат лоцирани и распоредени во Грција за да помогнат во противпожарната заштита и во размената на знаење и искуство со нивните грчки колеги.
Во грчките градови Триполи и Лариса се пожарникарите од Германија и Бугарија, а во Атина беа романските, на чие место сега доаѓаат француските поожарникари.
Извор: МИА