Владата на Србија денеска прогласи вонредна состојба во 11 српски општини кои се зафатени од поплави, јави српската државна релевизија РТС.
Меѓу општините во кои е прогласена вонредна состојба се и Куршумлија, Прокупље, Долевац и Житораѓа.
Црвениот крст на Србија соопшти дека веќе испратил помош за жителите во поплавените реони во Куршумлија, Долевац и Прокупље. Помошта се состои во храна, облека, душеци, гумени чамци и средства за лична хигиена.
Началникот на Секторот за вонредни состојби при српското Министерство за внатрешни работи, Предраг Мариќ претходно соопшти дека од полавените региони се евакуирани 440 лица.
Поројните дождови што последниве денови ја зафатија централна и јужна Србија резултираа со драстично зголемување на нивоата на водите во реките, при што некои и се излија од своите корита, поплавувајќи обработливи површини, но и неколку населени места.
Хидрометоролозите предупредуваат дека зголемените температури кои се најавуваат за следните денови ќе го забрзаат топењето на снегот на планините и ќе продонесат за дополнително зголемување на нивото на водата во Морава и нејзините притоки, што може да резултира со нов бран поплави.
Покрај дожд, прертходните денови во повисоките делови во западна србија паѓаше и снег кој наместа формираше и снежна покривка со дебелина и до 70 сантиметри. Земјоделските експерти проценуваат дека овој априлски студ предизвикал огромни штети на насадите под малини, кои се главен извозен земјоделски продукт во тој дел на Србија.