Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, присуствуваше во Крагуевац на пробното производство на новиот електричен модел „Фиат Гранд панда“, а за два месеци ќе започне и сериското производство. Максималната брзина на новиот електричен автомобил е 150 километри на час.
На церемонијата во Крагуевац присуствуваа највисоките претставници на компанијата Сталантис.
Новиот модел е изработен во две верзии – електрична и хибридна, а од Крагуевац прво ќе пристигне во Европа, потоа на Блискиот Исток и Африка.
„Пандата“ од Крагуевац припаѓа на автомобилите од Б сегментот со должина под четири метри и е прв во серијата модели на новото семејство кое секоја година ќе лансира нов модел до 2027 година.
На прославата 125 години од создавањето на италијанскиот производител на автомобили Fiat во Торино, на 11 јули, официјално беше претставен новиот модел „Fiat grande panda“, инспириран од моделот од 1980-тите, кој ќе се произведува во фабриката Сталантис во Крагуевац, Србија, и како електрична и како хибридна, објави компанијата претходно.
Како што е наведено, „fiat grande panda“ го означува враќањето на брендот Fiat на светскиот пазар, а новиот автомобил е развиен врз основа на три клучни столба: италијански дизајн, глобална платформа и локална релевантност.
Во соопштението се наведува дека одржливоста, инклузивноста, едноставноста и убавината се вредностите кои го оживеаја овој проект, додека дизајнот е инспириран од иконската „панда“ од осумдесеттите години на минатиот век, „сините фармерки“ на автомобилската индустрија, како автомобил кој е општествено прифатлив за секого.
Цената на моделот „fiat grande panda“, како што се наведува, започнува под 25.000 евра за целосно електричната верзија.
Значи основниот модел со електричен погон, како што наведуваат некои специјализирани српски медиуми за автомобилизам, во Србија со најавените државни субвенции од 7000 евра би можел да чини вкупно околу 18.000 евра.