Турските граѓани од неуспешниот обид за воен преврат до вчера размениле девет милијарди долари за турски лири, изјави вчера вицепремиерот Мехмет Шимшек во интервју за телевизијата Си-Ен-Ен-Турк, цитиран од весникот Хуриет дејли њуз“.
-Турските граѓани до вчера (26 јули) размениле девет милијарди долари за турски лири, што е од големо значење. Кога ќе ги погледнеме податоците (…) можеме да видиме дека темелите се здрави и сигурни, посочи Шимшек, оценувајќи ги можните ефекти од обидот за преврат врз турската економија.
Турската лира по обидот за преврат загуби од вредноста 6,7 проценти во однос на доларот. Истанбулската берза минатата недела имаше намален индекс за 13 отсто.
Шимшек додаде дека „нема разумен аргумент за намалувањето на кредитниот рејтинг на Турција“, откако рејтинг агенцијата „Стандард енд Пурс“ за еден степен го намали рејтингот на Турција, предизвикувајќи бран од критики од страна на Владата.