Се стремиме кон пријателски и добрососедски односи и во пракса покажуваме дека поддржуваме членство во НАТО и Европската унија, но за тоа предуслов е решавање на прашањето со името согласно историјата и меѓународното право, а само откако ќе заврши уставната ревизија што ќе ги содржи сите гаранции, тогаш Договорот ќе дојде за ратификација во грчкиот парламент, порача претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос од Солун, каде што ги следи свеченостите по повод годишнината од ослободувањето на градот.
На свечениот ручек во негова чест, приреден од началникот на Третиот армиски корпус, Павлопулос се осврна и на т.н. грчки национални прашања, а меѓу нив и спорот со името.
-Нашата соседна земја треба да ги направи неопходните промени во нејзиниот правен поредок, а пред сѐ во нејзиниот Устав. И навистина, ја презедоа оваа обврска. Според тоа, очекуваме да ја исполни. Само кога конечно ќе заврши целиот овој процес и штом се утврди дека уставната ревизија ги содржи сите гаранции, тогаш ќе може да постои покана за членство во НАТО, како и каков било почеток на разговори, во однос на пристапниот процес на ПЈРМ кон Европската унија. Исто така, само тогаш ќе може да се финализира и содржината и според меѓународното право, правилното толкување на Договорот меѓу Грција и ПЈРМ за да дојде за ратификација во грчкиот парламент, рече Павлопулос.