Конзервативната Исламска Партија за правда и развој (АКП) на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган официјално ја започнува својата изборна кампања пред претседателските и парламентарните избори, кои ќе се одржат истовремено на 14 мај.
Опозициските партии веќе ја започнаа својата кампања за изборите, кои се одржуваат во сенка на разорната серија земјотреси што го погодија јужниот дел на земјата од 6 февруари.
По 20 години на врвот на турската политика, прво како премиер, а потоа како претседател, Ердоган (69) се соочува со тешка кампања.
Покрај обвинувањата што му пристигнуваат во врска со лошото менаџирање на кризата по земјотресот, земјава бележи и годишна инфлација од околу 50 проценти.
Меѓу тројцата претседателски кандидати, шефот на левичарската Републиканска народна партија (ЦХП), Кемал Киличдароглу (74), се смета дека има најдобри изгледи против Ердоган. Киличдароглу води шестпартиски сојуз.
Прокурдската Демократска партија на народите (ХДП), исто така од левиот центар, која има поддршка од околу 10 отсто од електоратот, не го номинираше својот кандидат. Ова се смета за индиректна поддршка за Киличдароглу.
Доколку ниту еден кандидат не освои повеќе од 50 отсто од гласовите во првиот круг од претседателските избори, вториот круг од изборите ќе се одржи две недели подоцна, на 28 мај. Право на глас во Турција имаат околу 60,9 милиони луѓе, а во странство уште 3,3 милиони. Бројната турска дијаспора ќе може да гласа од 27 април.