Косовскиот вицепремиер Беџет Пацоли потврди дека Мали го призна Косово за неколку компјутери, пишува белградскиот весник „Блиц“.
Во емисијата „Интерактив“ на приштинската телевизија Коха, Пацоли зборувал за своите блиски односи со државните лидери на Мали. Тој потврдил дека го познавал поранешниот претседател на оваа африканска држава, кој сега е во егзил, а двапати го посетил и сегашниот шеф на земјата.
Минатата година поранешниот претседател на Мали ветил дека ќе го признае Косово. Пацоли започнал да работи со нивниот Парламент на подготовка на резолуција за признавањето, но тогаш бил извршен преврат.
„Додека бев на одмор ми се јави мојот советник и ме информираше дека новите власти во Мали бараат помош за обновување на резиденцијата на новиот претседател, бидејќи се било уништено при судирите. Побараа десет компјутери и мебел за канцеларијата“, објасни Пацоли.
Косовскиот вицепремиер веднаш интервенирал да се испратат пет компјутери и кога се вратил од одмор, за возврат го чекало потпишано и запечатено писмо дека Мали ја признала независноста на Косово.