Опсади во 13.9 отсто од средните училишта во Грција поради Договорот од Преспа

Од:

Само во 13.9 отсто од средните училишта во Грција вчера имаше опсади од учениците, поради Договорот од Преспа, покажаа податоците од Министерството за образование на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Во овие училишта немаше настава, додека, пак, ученици и студенти излегоа на протести во Солун, Атина и други грчки градови.

„Македонија е грчка“ се слушаше на солунските улици, „Грција, Турција, Македонија – непријателот е во банките и во министерствата“, на улиците во Атина. И едните и другите се ученици и студенти, но со дијаметрално спротивни ставови. Едните против Договорот од Преспа, другите за решение и мирен соживот.

Со оглед на тоа дека главната причина и повод за мобилизацијата на учениците во Северна Грција е Договорот од Преспа, дописничката на МИА од Атина разговараше со ученици и студенти во Атина, во однос на решението меѓу Македонија и Грција. Тие коментираат дека е важно да има соработка меѓу двата народи за да живеат во мир, далеку од национализмот и фашизмот.

-Јас го поддржувам Договорот од Преспа, бидејќи сметам дека е една добра основа за да почне соработка меѓу двата народи. Сметаме дека сето она околу иредентизмот што го споменуваат радикалната десница и десницата, како аргумент е целосно неточно, не постои такво нешто. Тоа го тврдат националистите и од една и од друга страна. Народот и од едната и од другата страна нема такви перцепции, вели ученикот Зисис.

-Сметам дека договорот е фер. И вие сте дел од географскиот регион Македонија, па така одговара името Северна Македонија со кое се прави разлика од грчката Македонија, но најважно од се е дека се реши прашањето што не разделуваше, вели студентот Михалис.

-Јас како дел од студентското движење мислам дека нас како народи ништо не нѐ дели, треба да се бориме заедно со нашите пријатели и колеги и во Македонија и во Турција, против омразата и национализмот, а за нас непријателот е еден и се наоѓа во банките и министерствата. Треба против ова да се бориме, збратимени со народите и од Македонија и од Турција, вели Пинелопи.

Студентот Андонис пак има поразличен став, се согласува со ставот дека потребно е да постои решение меѓу двете соседни земји за да создаде услови за мирен соживот, но смета дека содржината на Договорот од Преспа им служи на американските интереси.

-Сметам дека договорот од Преспа е реактивен договор бидејќи вистинската содржина се однесува токму на обидот на Американците за да го прошират нивното влијание на Балканот. Вистинските цели на Договорот од Преспа е интеграција на нашата соседна земја во НАТО, нешто што нема ги доближува двата народи, вели Андонис.

Опсадите и активностите на учениците во Грција, веќе неколку дена се тема, причина и повод за политички препукувања меѓу грчките партии.

Би можело да ве интересира

Два од земјотресите во Грција почувствувани во Гевгелија, Струмица, Велес, Скопје, Битола и Кавадарци

Катерина Ѓуровски

Се тресе Грција: девет земјотреси за еден час, најсилниот со јачина од 5.3 степени

Катерина Ѓуровски

Конфликтот меѓу две семејства во Грција загина тригодишно дете

Силен земјотрес во Грција

(ВИДЕО) Пожар во рафинерија во Грција: Железничкиот сообраќај во прекин, наредена итна евакуација

Горан Наумовски

СИРИЗА: Политиката на соработка со Македонија е замрзната