Договор во Брисел не е постигнат, јавија после полноќ српските медиуми.
Надлежностите се најголем камен на сопнување. Ова не е крај на преговорите, претстојат разговори во Белград.
Српскиот потпретседател на Владата, Александар Вучиќ понудил оставка која е одбиена.
После целодневните разговори на делегациите на Белград и Приштина со посредство на високиот претставник на ЕУ, Кетрин Ештон договор не е постигнат, изјави српскиот премиер Ивица Дачиќ.
Тој истакна дека во моментот нема договор во дијалогот со Приштина и дека остануваат разликите во ставовите кога станува збор за надлежностите на српските општини врз полицијата и правосудството.
Во рамки на осмата рунда преговори од дијалогот Белград – Приштина (времетраење 14 часа), Кетрин Ештон во два наврати разговарала со делегациите на Белград и Приштина. Одржани се поеќе билатерални средби.
Следните денови претстојат анализи и разговори. Некои точки се и понатаму далеку од договор, но има и значителен напредок во разговорите.